spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeСамостојни органиСамостојни државни органиАХВ: Поддршка на глобалната кампања за одбележување на Светската недела за свеста...

АХВ: Поддршка на глобалната кампања за одбележување на Светската недела за свеста за антибиотиците

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ)  и оваа година од  18 до 24 ноември ја поддржа глобалната иницијатива за одбележување на Светската недела за свеста за антибиотиците (World Antibiotic Awareness Week) и Европскиот ден за свеста за антибиотиците (European Antibiotic Awareness Day). Целта на кампањите е подигнување на свеста за ризиците по здравјето на луѓето и на животните, но и на животната средина, предизвикани од отпорноста кон антимикробните средства, како и да се промовираат добри практики, со цел, ограничување на појавата и ширењето на отпорни микроорганизми низ целиот свет. 

Прекумерната или несоодветна употреба на антимикробните средства може да доведе до појава на отпорни микроорганизми кои не реагираат на антибиотскиот третман, појава која е се почеста последниве децении. Овој феномен, наречен антимикробна отпорност, кој претставува многу сериозна закана за контролата и сузбивањето на болестите ширум светот, е примарна грижа во однос на здравјето на луѓето и животните.

Годинава мотото на кампањата е „Едуцирај. Застапувај. Дејствувај сега“ (Educate. Advocate. Act now) и таа ги повикува засегнатите страни на концептот „Едно здравје“, креаторите на политики, давателите на здравствени услуги и општата јавност да бидат лидери за подигнување на свеста за антимикробна отпорност (АМР).

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) активно работи на справување со овој глобален проблем следејќи ги упатствата на светските и европските надлежни институции. Согласно член 73 од Законот за безбедност на храната, донесени се Програма за антимикробна отпорност за периодот 2022 – 2026 година и Годишен план за мониторинг на антимикробна отпорност, кој се спроведува од 2018 година, која е усогласена со последната легислатива усвоена од страна на Европската Унија во ноември 2020 година – Имплементирачка Одлука на Комисијата (ЕУ) бр. 1729/2020 за следење и известување на антимикробна отпорност кај зоонотски и коменсални бактерии. Оваа Одлука се заснова на најновите научни мислења и се однесува на познатите прашања за имплементација и научно одговара и обезбедува континуитет во проценката на идните трендови во антимикробната отпорност. 

АХВ со поддршка на глобалната кампања за одбележување на Светската недела за свеста за антибиотиците

Агенцијата е активен учесник во креирање на Националната стратегија за контрола на антимикробната резистенција со акциски план, како заеднички проект на повеќе надлежни институции во државава. Преку мултисекторската комисија при Министерството за здравство и учеството на вработени од Агенцијата во телата на Codex Alimentarius, Светска здравствена организација (WHO) и Европската агенција за безбедност на храната (EFSA) активно ги пренесува своите достигнувања на полето на антимикробната отпорност во ветеринарната медицина.

Резултатите од спроведување на Годишниот план за антимикробна отпорност во согласност со Програмата за антимикробна отпорност, како и тековното движење на антимикробната отпорност во изолатите добиени во ветеринарната медицина се објавуваат на интернет страната на Агенцијата за храна и ветеринарство ( http://fva.gov.mk/mk/antimikrobna-otpornost ). Дополнително, податоците се доставуваат и до Европската Агенција за безбедност на храна, која истите ги објавува во Националните извештаи за движењето на зоонозите и антимикробна отпорност, за секоја година поединечно. Истите се достапни на веб страната на EFSA ( https://www.efsa.europa.eu/en/data-report/biological-hazards-reports ).

АХВ секоја година активно е вклучена во глобалната кампања за борба против антимикробната отпорност и кампањата за подигнување на свеста за можните ризици од прекумерна и несоодветна употреба на антимикробните средства. Креиран е водич за „Одговорна употреба на антимикробни средства во ветеринарната медицина“, наменет за информирање на јавноста, но, пред се на вклучените страни во прометот и употребата на овие средства. Водичот е објавен на интернет страната на АХВ ( http://fva.gov.mk/mk/publikacii-odgovorna-upotreba-antimikrobni-sredstva ).

На проблемот со антимикробната отпорност многу внимание посветуваат водечките светски организации од областа на јавното здравје, здравјето на животните и безбедноста на храната како ОИЕ, Светската организација за земјоделство и храна – ФАО, Светската здравствена организација – СЗО, Европскиот центар за превенција и контрола на болести и други, кои напорно работат на подигнување на свеста за ризиците од антимикробната отпорност преку организирање на истражувања, одржување на семинари, советувања, објавување на публикации за јавноста и други активности. Дополнително, АХВ учествува во обуки од областа на антимикробната отпорност организирани од Иницијативата за обука за безбедност на храната на Европската комисија (BTSF), а ангажира и надворешни експерти, се со цел држење чекор со светските трендови и континуирано унапредување на системот за контрола на антимикробната отпорност во нашата земја. 

За постигнување на овие цели, од витално значење е координирано делување меѓу институциите одговорни за здравјето на луѓето и животните и животната средина. Докторите по ветеринарна медицина се најважниот дел од решението но, тие мора да бидат добро обучени, постојано да се надградуваат и да бидат предмет на контрола од страна на надлежните органи. Секој од нас има задача да придонесе во борбата против антимикробната отпорност во насока на заштита на ефикасноста на овие лекови од витално значење, а со тоа и на нашата иднина.

Повеќе информации за активностите во однос на  антимикробната отпорност и одговорната употреба на антимикробни средства може да се најдат на следниве линкови:

Извор: Агенција за храна и ветеринарство

Прочитајте