Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска заедно со раководството на Управата за јавни приходи и Царинската управа денеска во Министерството за финансии се сретна со делегација од Трезорот на САД предводена од Луан Тран, заменик-помошник секретар за техничка помош во Трезорот на САД. Фокусот на средбата беше преземање активности во рамки на потпишаниот договор помеѓу МФ и Канцеларијата за техничка помош на МФ на САД за проект за подобрување на управувањето со јавни финансии.
На средбата стана збор за тековни активности, како и за активности на кои ќе биде ставен акцент во наредниот период во повеќе сектори во рамки на МФ, како и во Управата за јавни приходи и Царинската управа.
Целта е со техничка поддршка од Трезорот на САД да се спроведат процеси кои се предвидени со Законот за буџети, кој, пак, е основата за реформите во јавните финансии. Ќе се работи на подзаконски акти, подготовка на нова буџетска структура, развивање индикатори на успешност, модернизација на процесите, подобра наплата на приходите, зајакнување на даночната контрола, зајакнување на капацитетите на Управата и на Даночниот инспекторат и др. Во делокругот на Царината се преземаат активности за унапредување на царинското работење.
Министерката за финансии се заблагодари за поддршката што ја добиваат МФ, УЈП и Царинската управа во унапредување на процесите, зајакнување на капацитетите и подобрување на ефикасноста во работењето. Таа оцени дека поддршката е многу значајна во спроведување на реформите во јавните финансии во насока на поефикасно управување со буџетските средства.
Експерти од Трезорот на САД работат со секторите за буџет, финансиски систем, меѓународни финансиски односи, јавен долг, даночна политика, а поддршката е во насока на зајакнување на процесот на буџетирање, контрола и надзор на финансискиот пазар, на управувањето со јавниот долг, како и зајакнување на пазарите на државни хартии од вредност и пазарите на капитал.
Извор: Министерство за финансии