spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМЛС: Подобрена е ефикасноста за заштита и превенција од пожари во североисточниот...

МЛС: Подобрена е ефикасноста за заштита и превенција од пожари во североисточниот регион

Министерството за локална самоуправа со поддршка на Владата на Швајцарија овозможија кумановските пожарникари побрзо и поефикасно да се справуваат со пожарите на отворено преку проектот „Одржлив и рамномерен регионалн развој“ фаза 2 во чии рамки се купија три специјални возила, опрема, а во функција ќе биде ставена и мобилна апликација за рана дојава на пожари.

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, денеска ја посети ТППЕ Куманово, каде и официјално беше означена имплементацијата на проектот преку кој се презедоа мерки за заштита и превенција од пожари во регионот на општините Куманово, Липково, Старо Нагоричане и Ранковце. Министерот Перински имаше можност да ја види набавената опрема и да ги слушне позитивните искуства на пожарникарите чии услови за работа сега се значително подобрени.

На презентацијата присуствуваа и Претседателот на Совет на Општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска, градоначалниците на Општина Ранковце, Борче Спасовски, в.д. градоначалникот на Општина Старо Нагоричане, Бобан Цветановски, директорот на Центар за развој на Североисточен плански регион, Младен Протиќ, а подобрените услови за работа на пожарникарите ги презентираше командирот на ТППЕ Куманово, Деан Илиевски.

Илиевски информираше дека кумановската противпожарна станица доби две, а Пожарната во Ранковце едно специјализирано возило кои се прилагодливи за гаснење на пожари на непристапни подрачја.

„Се набавија и комплети за пожарникарите, чизми, одела, шлемови, грбни прскалки, млазници, црева и друга соодветна опрема за брза интервенција. Инвестирано е и во подобрување на условите во гаражата, а изработена е и мобилна апликација и веб страна за рана дојава на пожари која е во фаза на тестирање и наскоро би требало да стане функционална. Сето ова овозможи поефикасно и навремено да реагираме во случај на пожари што директно влијае на зголемување на безбедноста на граѓаните, нивните и јавните добра“, изјави командирот Илиевски, кој се заблагодари на поддршката на Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија.

„Денеска сме сведоци на уште еден во низата реализирани проекти кој го реализиравме со поддршка на Владата на Швајцарија, која е партнер и поддршка на Министерството за локална самоуправа повеќе од две децении. Имплементацијата на проектот има повеќекратен бенефит. Специјалните возила оспособени да делуваат на тешко достапни подрачја и мобилната апликација за рана дојава на пожари, ќе овозможат побрзо и поефикасно справување со пожарите на отворено што придонесува за намалување на штетите на годишно ниво во Општините опфатени со проектот, како и во оддалечените подрачја. Сето ова придонесува за намалување на ризикот од ширењето на пожарите и на потенцијалните штети по шумските подрачја при што намален е ризикот за загадување на животната средина, а зголемена е сигурноста на граѓаните и нивните имоти“, истакна министерот Перински, кој  информираше дека Министерството го поддржа проектот со 11 милиони денари, а останатите се средства обезбедени од Владата на Швајцарија.

Голема благодарност за проектот и помошта на Владата на Швајцарија и Министерството за локална самоуправа, истакна и Претседателот на Советот на Општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска.

„Овој проект е од огромно значење за нас, со оглед на тоа дека сега пожарникарите ќе можат да делуваат побрзо и поефикасно и на непристапни предели. Би сакала да имаме помалку интервенции“, рече Ѓорѓиевска, која информираше дека Општината ги разгледува можностите во општинскиот буџет за наредната година да се испланираат средства за реновирање на објектот на противпожарната станица.

Овој проект беше еден од избраните како приоритетен за реализација избран од страна на граѓаните преку Форумите на заедници. „Се надевам дека ќе успееме да ја продолжиме соработката во интерес на сите граѓани“, истакна директорот на Центар за развој на Североисточен плански регион, Младен Протиќ.

Извор: Министерство за локална самоуправа

Прочитајте

Сопиште: Градинката „Сонце“ конечно пред отворање

0
Општината Сопиште по повеќе години од изградбата на детската градинка ,,Сонце“, конечно доби согласност за почнување со работа и во скоро време ќе можеме...