Државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање Ресми Ејупи се обрати на отварањето на Земјоделскиот форум за климатски промени, што денес се одржа во Скопје.
„Климатските промени значително влијаат на земјоделскиот сектор во Северна Македонија, бидејќи тој е многу зависен од временските и климатските услови. Од друга страна, секторот земјоделство е сектор кој емитува стакленички гасови, така што со спроведување на правилни политики и мерки придонесува кон постигнување на целите до 2030 и 2050 година“, истакна Ејупи и ги потврди заложбите на Министерството за животна средина и просторно планиарње за партнерства, соработка и размена на искуства со единствена цел – обезбедување општество поотпорно на климатските промени.
На форумот беа презентирани три експертски анализи: Влијание на климатските промени врз земјоделството; Системи за наводнување во земјоделството: Детална анализа на моменталните предизвици, можности и препораки за подобрување на практиките за наводнување во земјоделството и Ефекти од климатските промени врз ранливите рурални групи.
Учесниците, меѓу кои земјоделци и земјоделски здруженија, претставници од државни институции и организации што се фокусирани на прашања поврзани со климатските промени, преку дискусија, разменија различни перспективи, размислувања и информации за релевантни статистики за влијанието на климатските промени врз земјоделството и руралните заедници во Северна Македонија, за адресирање на клучните прашања и за промовирање на одржливи решенија.
На настанот се обратија и заменик амбасадорката на Кралството Шведска Елизабет Далберг Фриск, државната секретарка на Министерството за Земјоделство, Елена Гроздановска од Министерство за социјална политика, демографија и млади, Самир Мемедов, Програмски кординатор за регион Европа во Шведската организација за развој We Effect и Стеван Орозовиќ, извршен директор Национална федерација на фармери.
Извор: Министерство за животна средина и просторно планирање