Вработените лица од Општина Карпош кои се задолжени за одржување на јавната чистота, периодов континуирано работат на собирање на паднатите лисја и отпадот во деловите на општината кои се под надлежност на локалната самоуправа. За да се постигне поголем ефект, нивната работа ја организираат координаторите од Урбаните заедници, кои преку дефиниран план и програма ги менаџираат активностите кои потоа ги преземаат хигиеничарите од Општината.
Во рамки на оваа акција во изминативе два дена на теренот се приклучија и екипите од ЈП „Паркови и зеленило – Скопје“, кои ги чистеа лисјата и сметот на главните сообраќајници на територијата на локалната самоуправа. Поточно се чистеа површините на булеварите „Партизански одреди“, „Илинден“ и „Митрополит Теодосиј Гологанов“, а во наредниве денови ќе бидат исчистени и споредните улици кои ги поврзуваат овие главни сообраќајници како се под ингеренции на Градот Скопје. Во овој случај, ЈП „Паркови и Зеленило“ располагаат со пет возила и 10 работници кои интензивно работат на терен во расчистување на територијата на Карпош.
За таа намена, инспекциските служби на Општината секојдневно се во контакт и заедничка координација со претставниците од ЈП „Паркови и зеленило“ како и со општинските служби за одржување на хигиената, со цел заеднички да делуваат поефикасно во насока на одржување на здравата животна средина.
Извор: Општина Карпош