spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМЕП: Учество на МЕП Муртезани на панел-дискусија: „Зајакната соработка во процесот на...

МЕП: Учество на МЕП Муртезани на панел-дискусија: „Зајакната соработка во процесот на ЕУ интеграција преку Реформската агенда“

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, учествуваше на панел-дискусија насловена „Зајакната соработка во процесот на ЕУ интеграција преку Реформската агенда“, национален настан во организација на Институтот за европска политика – Скопје (ЕПИ), којшто е посветен на унапредување на дијалогот за Планот за раст на Западен Балкан.

Во своето воведно обраќање, МЕП Муртезани се осврна на значењето на Реформската агенда и разбирањето на реформските процеси како политичка потреба и длабоко личен ангажман: „Реформите функционираат само кога ќе се поврзат со секојдневниот живот на граѓаните. Тие мора да создадат институции во кои луѓето имаат доверба, економии што генерираат можности и општества што се инклузивни и праведни. Реформите се повеќе од стратешка неопходност – тие се мерило за нашата зрелост како држава. Тие ја отсликуваат нашата способност да изградиме отпорни институции, да обезбедиме ефикасно и транспарентно демократско управување и да демонстрираме на нашите граѓани дека посветените напори денес водат кон опиплив напредок и подобар квалитет на живот во иднина.“ – истакна Муртезани.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на МЕП Муртезани:

Почитувани присутни,

Дозволете ми најпрво да изразам благодарност до Институтот за европска политика – Скопје(ЕПИ) за организирањето на оваа значајна дискусија. ЕПИ континуирано обезбедува платформа за информирана и критичка дебата за европската интеграција и овој настан не е исклучок. Ваквите разговори се од суштинско значење, не само како вежби за размена на политики, туку и како потсетник за заедничката одговорност која ја носиме за напредокот на европската иднина на нашиот регион.

Прашањето што ми го поставивте е навистина суштинско: како Реформската агенда и Планот за раст за Западен Балкан може да се искористат за создавање на вистински и долготрајни промени? За мене, одговорот се наоѓа во разбирањето на реформите како политичка потреба и длабоко личен ангажман. Реформите функционираат само кога ќе се поврзат со секојдневниот живот на граѓаните. Тие мора да создадат институции во кои луѓето имаат доверба, економии што генерираат можности и општества што се инклузивни и праведни. Реформите се повеќе од стратешка неопходност – тие се мерило за нашата зрелост како држава. Тие ја отсликуваат нашата способност да изградиме отпорни институции, да обезбедиме ефикасно и транспарентно демократско управување и да демонстрираме на нашите граѓани дека посветените напори денес водат кон опиплив напредок и подобар квалитет на живот во иднина.

Реформската агенда е во срцето на овие напори, би рекол на овој заеднички потфат. Таа бара од нас да се справиме со долготрајните слабости во нашата јавна администрација, судскиот систем и регулаторните рамки. Но, реформите не се само корекција на она што не функционира. Тие претставуваат градење на култура на отчетност и одговорност, каде што управувањето се темели на доверба, инклузивност и ориентираност кон резултати што ќе го унапредат животот на граѓаните.

Во овој контекст, Планот за раст е трансформативен додаток на реформскиот процес. Тој ги поврзува нашите напори со поширокиот регионален контекст, правејќи ги реформите не само национална неопходност туку и регионална можност. Неговите четири столба: интеграција на пазарот, поврзаност, човечки капитал и управување  се длабоко политички, но истовремено и практични. Тие обезбедуваат основа за вистински промени, со мерливи влијанија врз бизнисите, граѓаните и институциите. Но, да не заборавиме дека ниту еден план, без разлика колку амбициозен, не може да успее без вистинска соработка. Соработката, во овој контекст, не е политички слоган. Таа мора да е е дисциплина, подготвеност за работа со добра волја, за споделување на знаења и стручност и за гледање на успехот на нашите соседи не како на конкуренција, туку како напредок за сите.

За Северна Македонија, овој принцип на партнерство не е теоретски. Тој го обликува нашиот пристап кон реформите, нашите регионални односи и нашите аспирации за европската иднина. Но, партнерството исто така бара заемна одговорност. Додека неуморно работиме на исполување на стандардите на ЕУ, потребно е и ЕУ да ги почитува своите обврски. Процесот на проширување мора да остане кредибилна и остварлива цел, не само за нас, туку и за целиот регион.

Она што го прави Планот за раст особено моќен е неговата двојна функција: тој поттикнува економски развој, додека ја зајакнува динамиката на процесот на пристапување. За Северна Македонија, ова е особено значајно. Ветувањето за споделен просперитет преку интеграција на пазарот совршено се совпаѓа со реформите што ги спроведуваме, од модернизација на инфраструктурата до создавање средина каде што бизнисите можат да напредуваат. Но, би сакал да потенцирам: Планот за раст не е замена за реформите; тој е катализатор за подлабоки и поодржливи суштински промени.

Успехот на Реформската агенда и Планот за раст зависи и од комуникацијата. Реформите и економскиот развој можат да се вкоренат само кога граѓаните ќе ги разберат нивните придобивки и ќе имаат доверба во процесот. Ова подразбира дека треба да делуваме испреплетено, координирано и во еден глас. Да работиме со граѓанските организации, со младите луѓе, со медиумите и истовремено да осигураме дека сите нивоа на власт, од локално до национално и регионално, делуваат синхронизирано. Не е доволно само да се донесат закони или да се водат преговори; неопходно е да постигнеме конкретни резултати и тие да бидат јасно и транспарентно комуницирани до сите засегнати страни.

За Северна Македонија, предизвикот е да ги преточиме овие амбициозни планови во реалност што ќе има одек на секое ниво. Без разлика дали станува збор за унапредување на независноста на судството, подобрување на образовните стандарди или зајакнување на регионалната поврзаност, секоја реформа мора да се прикаже како чекор кон поправедна, просперитетна и побезбедна иднина.

Затоа сметам дека реформите не се крајна цел, тие се континуиран процес. Тие бараат истрајност, трпение и цврсто уверување во моќта на промените. Патот на реформите не е линеарен ниту лесен и дефинитивно не е без моменти на фрустрација. Но, мора постојано да се потсетуваме зошто го следиме. Го правиме тоа затоа што веруваме во целта Северна Македонија која не само што ќе стане членка на Европската Унија, туку и држава која гордо ќе стои меѓу своите соседи, зајакната од трнливиот пат што го изодила и од лекциите што ги научила. Благодарам.

Извор: Министерство за европски прашања

Прочитајте

Бутел: Започна асфалтирањето на една од најголемите улици во Визбегово, улица...

0
Ветувањето пред граѓаните на Визбегово се реализирам со забрзана динамика.Денес започна асфалтирањето на една од најголемите улици во Визбегово, улица 1.Улица 1 заедно со...