Министерот за правда Игор Филков присуствуваше на настанот „Да ја доближиме правдата поблиску до граѓаните”, организиран од Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје. Говорејќи за важноста на остварување на ефективен пристап до правда за сите, министерот Филков во своето обраќање се осврна на активностите кои ги презема Министерството за правда во делот на бесплатната правна помош за ранливите категории.
„Во периодот од 1 јануари до 31 октомври 2024 година, Министерството за правда има обезбедено примарна правна помош на 2.360 лица кои тоа го побарале. Секундарната правна помош, што подразбира ангажирање на адвокат во судските постапки, подразбирајќи ги тука граѓанските и управните постапки, била разгледувана по 238 барања од граѓани. Од нив 171лице имаат одобрени барања, а само 28 се одбиени. Нашата цел како Министерство и како Влада е да се обезбедат сите предуслови секој граѓанин, без оглед на економскиот статус или социјално потекло да има можност да побара заштита пред суд, под еднакви услови како и сите други граѓани”, рече Филков.
Посебна важност има и Законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство чија цел е да се даде поддршка на жртвите. Во октомври е отворена Канцеларијата на Комисијата, создадени се сите предуслови за непречено функционирање и веќе е постапувано по 6 предмети.
Министерство за правда, ќе продолжи посветено да создава услови за силен и ефективен правосуден систем, во кој сите граѓани ќе можат да се чувствуваат сигурни и праведно третирани.
Министерот за правда Игор Филков упати благодарност и до Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје, која преку своите проекти досега несебично се залагаше за сеопфатно подобрување на капацитетите на подрачните одделенија на Министерството за правда, преку бројните обуки и работилници.
Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје додели награди и сертификати на победниците и учесниците од натпреварот во фотографии и цртежи „Да ја доближиме правдата поблиску до граѓаните”.
Извор: Министерство за правда