Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска во Министерството за економија и труд ги додели решенијата за субвенции за мали и средни претпријатија и занаетчии врз основа на објавените јавни повици по мерките од Програмата за развој на претприемништвото и конкурентноста на малите и средните претпријатија за 2024 година.
„Еден од приоритетите на Министерството за економија и труд е развојот и поддршката на микро, малите и средни претпријатија и занаетчии, па во таа насока континуирано се планираат и реализираат мерки со кои се потпомага нивниот раст и се подобрува нивната конкурентност. И оваа година, Министерството за економија и труд, во рамки на Програмата за развој на претприемништвото и конкурентноста на малите и средните претпријатија за 2024 реализираше две мерки. Едната се однесуваше за финансиска поддршка за микро, мали и средни претпријатија во вкупен износ од 57.000.000 денари, и за субвенционирање на трошоци на занаетчии во вкупен износ од 6.500.000 денари.
За реализација на овие мерки Министерството за економија и труд објави Јавни повици во кои беа дефинирани условите за учество и потребните документи за аплицирање.„ Кажа министерот Дурмиши.
Предмет на јавниот повик беше субвенционирање на микро, мали и средни претпријатија кои вработуваат најмалку две лица, преку кофинансирање на 40% од докажаните трошоци , настанати во текот на 2023 и 2024 година а направени за набавка на нови машини, но не повеќе од 350.000 денари по барател.
За претпријатијата во сопственост и управувани од жена имаше олеснителен критериум, односно да вработува најмалку едно лице при што вработеното лице треба да биде сопственик (над 50%) и управител на претпријатието.
Заклучно со 01.11.2024 година пристигнати се вкупно 222 барања од кои 190 се одобрени, 31 се одбиени пооради неисполнување на условите од јавниот повик и 1 барател побара запирање на постапката. Предвидените средства за оваа мерка од 57.000.000 денари, во целост се реализирани.
“Со цел придонесување кон рамномерен регионален развој, при распределбата на средствата, покрај утврдениот износ за кофинансирање на докажаните трошоци направени за набавка на нови машини,за секој барател се утврди и дополнителна финансиска поддршка во зависност од планскиот регион од каде е седиштето на барателот. Истовремено сакам да напоменам дека поединечниот износ на средства за кофинансирање на секој апликант кој ги исполни условите од овој јавен повик, беше процентуално рамномерно намален за 12.6%, бидејќи вкупно одобрениот износ на средства за субвенционирање на сите баратели кои ги исполнуваат предвидените услови во Јавниот повик го надмина планираниот износ на средства од 57.000.000 денари за реализација на оваа мерка“ појасни министерот Дурмиши.
Предмет на јавниот повик беше субвенционирање на занаетчии и вршители на занаетчиска дејност преку кофинансирање на 40% од докажаните трошоци, но не повеќе од 200.000 денари по барател, направени во текот на 2023 и 2024 година зa:
- набавка на нови машини и/или алати и
- дизајн на нов производ
Заклучно со 01.11.2024 година, до Министерството за економија и труд пристигнаa вкупно 43 барања, од кои 37 се одобрени а 6 се одбиени поради неисполнување на условите од јавниот повик.
И за оваа мерка, при распределбата на средствата, покрај утврдениот износ за кофинансирање на докажаните трошоци за предвидените намени, за секој барател се утврди и дополнителна финансиска поддршка во зависност од планскиот регион од каде е седиштето на барателот.
„Имајќи ги во предвид потребите на МСП и занаетчиите Министерството за економија и труд и во иднина ќе продолжи со реализација на мерки и активности за поддршка на нивниот развој и подобрување на нивната конкурентност“ кажа министерот Дурмиши.
Извор: Влада