Се одржа состанок на Секторската работна група на кој беа презентирани Развојната секторска стратегија за правосудството( 2024-2028), Реформската агенда, како и ИПА 3 Акцискиот документ за запознавање на сите клучни чинители со текот и развојот на процесите во секторот Правда.
Дискутирајќи за реформите и приоритетите, на состанокот беше посочено дека Судскиот совет и Јавното обвинителство мора да бидат целосно ослободени од политичко влијание и да функционираат исклучиво во служба на правдата а со законските измени ќе се создаде основа за независност и професионалност.
Низ транспарентен и инклузивен процес сакаме да ја подобриме законската рамка за работата на Судскиот совет во согласност со дадените препораки од Оценската мисија на Европската Унија.
Паралелно се работи на подготовка на нов Закон за јавно обвинителство, а истата работна група ќе работи и на изработка на Предлог-закон за Совет за јавни обвинители.
Дополнително, од август 2024 година, Министерството за правда го започна процесот на изработка на нов Закон за судска служба, кој има за цел за унапредување на постојната регулатива и обезбедување подобри услови за работа и заштита на правата на вработените во институциите во судскиот систем.
Во однос на зајакнување на независноста на судскиот систем, клучна улога има и дигитализацијата, односно примената на информатичката технологија.
Целта на Министерството за правда е да се обезбеди континуитет во спроведувањето на Реформската агенда и Развојната секторска стратегија за правосудството, со цел создавање на праведен, ефикасен, и транспарентен правосуден систем кој одговара на потребите на граѓаните, усогласен со меѓународните стандарди.
Со овие активности се настојува да се создаде стабилен и одржлив систем кој што ќе придонесе за внатрешниот развој и ќе ја позиционира земјата како партнер на меѓународната заедница и кредибилен кандидат за членство во Европската унија.
Извор: Министерство за правда