Северна Македонија и Унгарија негуваат традиционално пријателство и партнерство. Нашата земја ја очекува поддршката од Унгарија за скоро отварање на преговорите со Европската Унија и изнаоѓање решение на спорот со Бугарија. Ова го истакна заменик министерката за европски прашања и заменик главен преговарач со ЕУ, проф. д- р Викторија Трајков на средбата со Золт Бунфорд, специјален пратеник на Унгарија за Западен Балкан и еден од најистакнатите поборници за проширување на ЕУ кон Западен Балкан.
Проф. д-р Трајков ги истакна досегашните достигнувања на нашата земја во делот на евроинтегративните процеси, опишувајќи ги како јасен доказ за посветеноста на нашата земја на патот кон ЕУ. Заменик министерката истовремено изрази благодарност за постојаната поддршка на Унгарија за нашите интегративни процеси.
„Мисијата на нашата Влада е јасна и недвосмислена, да ја забрза интеграцијата во ЕУ, одлучно да се бори против организираниот криминал и корупцијата, да ја зајакне граѓанската држава заснована на владеење на правото и да ја подобри економската и социјалната благосостојба на граѓаните“, истакна проф. д-р Трајков по средбата со Бунфорд.
Бунфорд ги пофали досегашните активности на македонската влада истакнувајќи ја посветеноста на реформските процеси. Од страна на специјалниот пратеник на Унгарија за Западен Балкан беше потврдена посветеноста на Унгарија за зајакнување на стабилноста и економскиот развој на регионот.
Средбата дополнително ја потврди заедничката заложба за унапредување на стратешките цели на Северна Македонија во насока на европската интеграција.