Дигитализацијата на процесот на подготовка на Програмата на економски реформи, која е дел од пристапниот процес во делот на економското управување, а ја координира Министерството за финансии и вклучува над 20 институции, е успешно завршена. Во Министерството за финансии беше потпишан Договор за предавање донација на развиено софтверско решение од страна на Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), како давател на донацијата. Договорот го потпишаа министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и директорот Давид Оберхубер.
„Дигитализацијата на процесот на подготовка на овој значаен документ, којшто е дел од Економскиот и финансиски дијалог со ЕУ, ќе влијае врз унапредувањето и олеснувањето на изработката на ПЕР. Софтверската апликација ќе ни овозможи нам, во Министерството за финансии, како и на сите вклучени институции во овој процес ефективно креирање и следење на имплементацијата на Програмата на економски реформи, како најважен стратешки документ во економскиот дијалог со Европската комисија и земјите членки на ЕУ. Интероперабилната платформа ќе овозможи олеснета комуникација помеѓу институциите, поголема видливост и хронологија на извршените промени во текот на изработувањето на Програмата, следење на роковите за нејзино изготвување, како и нејзино автоматско спојување, креирање „Библиотека“ на сите поважни национални и документи на ЕУ поврзани со процесот, а воедно ќе го намали и товарот врз тимот во Министерството за финансии, кој го координира целиот процес на подготовка на Програмата, нејзино одобрување од страна на Владата и доставување до службите во Европската комисија“, истакна министерката.
Покрај подготовката на ПЕР, апликацијата ќе се користи и за целите на Економскиот и финансиски дијалог со ЕУ, којшто претставува процес на усогласување на заедничките заклучоци, со препораки за приоритетни реформи коишто се однесуваат на фискалните и структурните политики што треба да бидат вклучени во националните буџети, а чие исполнување редовно се следи и се оценува секоја година.
Извор: Министерство за финансии