Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани беше во посета на неколку институции во Општина Демир Хисар.
Посетата започна со донација на хуманитарни хигиенски пакети за лицата кои ги користат услугите на ЈЗУ Психијатриска Болница Демир Хисар.
Со поддршка на донаторите LDS (Latter day saint charities) беа доставени околу 100 пакети наменети за околу 400 лица сместени во болницата Демир Хисар и лицата кои ја посетуваат Дневната болница во Прилеп.
За време на посетата беше организирана и крводарителска акција од страна на вработените во оваа институција, но и граѓани од оваа општина.
Во текот на посетата министерот порача: „Секој граѓанин е важен и секоја помош е добредојдена. Да ја негуваме хуманоста како една од највозвишените човекови одлики, да се помага и да се разбира другиот безрезервно!“
Потоа министерот го посети Центарот за социјални работи Демир Хисар. На средбата се разговараше за правата и услугите кои Центарот ги обезбедува на граѓаните од оваа општина. Министерството посветено работи на унапредување на системот на социјална заштита со цел поддршката и помошта да пристигне до граѓаните на кои навистина им е потребна.
Исто така, се инвестира и во обезбедување на стручен кадар, потребен за ефикасно испорачување на правата и услугите до граѓаните.
Посетата на Демир Хисар беше заокружена со ЈОУД Детската градинка ,,Втори септември” во оваа општина. Како ресорно министерство детската заштита е поставена како врвен приоритет. И сите напори се насочени кон обезбедување на квалитетен ран детски развој. Министерството вложува во нови и проширување на постојаните инфраструктурни капацитети и човечки ресурси.
Министерот уште еднаш упати апел на проактивност на општините да аплицираат со проекти во министерството со цел унапредување на квалитетот на предучилишното воспитание.
„Со вложување за нашите најмлади – децата, вложуваме во иднината на нашата држава,“ порача Лимани.
Извор: Министерство за социјална политика, демографија и млади