spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМЛС: Перински - Транспарентноста ќе ни помогне да создадеме закон прилагоден на...

МЛС: Перински – Транспарентноста ќе ни помогне да создадеме закон прилагоден на потребите на граѓаните и општините

Вчера во Скопје се одржа четвртата од серијата јавни дебати во процесот за измени на Законот за локална самоуправа. После јавните дебати одржани во Битола, Штип и Гостивар, со денешната се заокружува фазата на јавни консултации на кои досега учествуваа градоначалници од сите региони, други претставници од локалните самоуправи и невладиниот сектор, како и експерти од областа.

Голем интерес имаше и на денешната дебата во Скопје на која присуствуваа градоначалници на скопските Општини, на Општините од Скопски и Североисточен регион, претставници од општинските Совети, како и од невладиниот сектор и дел од експертската група вклучена во процесот на измените.

Министерот за локална самоуправа, кој ги иницираше законските измени, изрази јавна благодарност до сите учесници во дебатите кои со своите предлози, идеи и сугестии дадоа значителен придонес за успешноста на процесот кој треба да резултира со унапредување на системот на локалната самоуправа во нашата земја.

„Подготвени сме да преминеме во следната фаза, односно во креирање на предлог измените на Законот за локална самоуправа и веднаш потоа, истите да ги доставиме до парламентот на дополнителни консултации со сите парламентарни политички партии, за да влеземе во фазата на валидизација, односно на усвојување на предлог измените. Убеден сум дека преку еден ваков отворен, транспарентен и инклузивен начин ќе дојдеме до едно многу подобро законско решение од ова коешто сега го имаме“, изјави Перински, кој очекува новото законско решение да биде изготвено до крајот на летото, и практично да биде применлив за избраните грaдоначалници на претстојните локални избори. Перински повтори дека главната иницијација за отворање на законот е можноста за референдумско отповикување на градоначалник, воведување на комунален надзор и поголемо учество на граѓанскиот сектор во рамки на носење на одлуки на локално ниво.

Проф. д-р Александар Спасеновски, кој е дел од експертската група вклучена во процесот на подготовка на законските измени, истакна дека важечкиот закон претставува важен системски закон, кој го положил тестот на времето.

„Главните измени и дополнувања се во насока на корекција на определени одредби, коишто се дел од актуелното законско решение, а кај коишто со текот на времето се појавиле одредени аномалии. Истовремено, детектираме и предвидуваме одредени норми кои не се дел од сегашното законско решение, а се покажало дека се потребни. Меѓу нив, и можноста за отповик на градоначалник, а во однос на комуналната полиција, со измените практично ќе создадеме база за во иднина законски да се регулира оваа материја“, посочи Спасеновски.

„Чест ми е што сум дел од експертската група која работи на измени и дополнувања на Законот за локална самоуправа. Овој процес се води на инклузивен и транспарентен начин, со активно вклучување на сите релевантни чинители – академската заедница, експерти, претставници на локалните власти и граѓанското општество. Целта е да создадеме правна рамка која ќе овозможи поефикасно, подемократско и одговорно функционирање на локалната самоуправа, во согласност со најдобрите европски практики. Убеден сум дека со ваков пристап ќе дојдеме до решенија кои ќе го подобрат квалитетот на живот на граѓаните и ќе придонесат кон посилни и поавтономни општини“, изјави професорот Мемет Мемети.

Извор: Министерство за локална самоуправа

Прочитајте