Во рамки на теренските посети „Каде што срцето е дома“, министерот за локална самоуправа, Златко Перински, и неговиот заменик, Ерџан Селими, вечерва во Домот на културата во Ѓорче Петров, остварија средба со граѓаните, претставниците на невладиниот сектор, спортските и културните работници, со цел да ги слушнат нивните идеи и предлози во насока на понатамошниот развој на општината.

Во конструктивна и отворена дискусија, граѓаните изнесоа конкретни предлози во повеќе области, од подобрување на инфраструктурата, преку поддршка за спортските и културните иницијативи, до засилување на механизмите за партиципативно учество на жителите во носењето на одлуките на локално ниво.
Министерот Перински ја истакна важноста на ваквите директни средби со граѓаните и потенцираше дека Министерството за локална самоуправа останува посветено на поддршката на општините преку програми кои обезбедуваат балансиран локален развој.

„Нашата обврска е да бидеме постојано на терен и да ги слушнеме реалните предизвици со кои се соочуваат граѓаните. Само преку ваков пристап можеме да создадеме одржливи решенија кои ќе одговараат на вистинските потреби на локалното население. Ѓорче Петров е општина со голем потенцијал, а Владата ќе продолжи да работи на создавање подобри услови за нејзините жители“, истакна Перински.

Еден од клучните приоритети кои граѓаните ги посочија беше подобрувањето на локалната патна инфраструктура, обновата на тротоарите и осветлувањето во одредени делови од општината. Жителите апелираа и за поефикасно одржување на јавните површини, како и за изградба на нови рекреативни зони и детски игралишта.
Претставниците на спортските клубови побараа зголемена поддршка за младинскиот спорт, подобрување на спортските капацитети и поедноставени процедури за добивање финансиска поддршка од страна на институциите. Културните работници, пак, побараа повеќе можности за организирање на културни настани и проекти кои ќе ја зајакнат локалната уметничка сцена и ќе овозможат поголема видливост на младите уметници.
