spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeОпштиниЃорче Петров: Започнува едносменска настава во ООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“

Ѓорче Петров: Започнува едносменска настава во ООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“

Ѓорче Петров, во соработка со Министерството за образование и наука, продолжува со своите напори за целосно воведување на едносменска настава во сите шест основни училишта на своја територија.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска и градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски денеска го посетија ООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“-централно, каде неделава стартуваше наставата во една смена.

Јаневска во своето обраќање ја поздрави иницијативата на општинското раководство предводено од градоначалникот за воведување едносменска настава и истакна дека Општина Ѓорче Петров е пример за посветеност и одговорност кон подобрување на условите за образование.

-Веќе четири од шест училишта успешно ја имплементираа едносменската настава, а нашата цел е сите шест училишта да работат на овој начин“, изјави Јаневска.

Градоначалникот ја потврди посветеноста на општината кон оваа цел.

– Едносменската настава е клучот за подобар квалитет на образованието и за создавање на еднакви можности за сите ученици. Со поддршката на Министерството ќе продолжиме да работиме на проширување на капацитетите и подобрување на инфраструктурата во нашите училишта – додаде Стојкоски.

Тој истакна дека процесот на целосна имплементација на едносменската настава ќе бара дополнителни инфраструктурни инвестиции, вклучувајќи доградба на училници и санитарни јазли.

Градоначалникот информираше дека во ова основно училиште во моментов се реновираат подовите и вратите на девет училници, во изминатиот период се постави енергетски ефикасна фасада на училиштето, а во дворот на оваа образовна институција целосно беа реновирани двете игралишта, мултифункционалното со тартан подлога, додека фудбалското игралиште со вештачка трева. Истовремено, во подрачното училиште „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во Хром се гради целосно нова училишна спортска сала, инвестиција вредна околу 20 милиони денари.

Едносменската настава не само што го зголемува времето на учениците поминато на училиште, туку и ги решава прашањата поврзани со вишокот на наставници, ги намалува трошоците за одржување на училиштата и придонесува за зближување на децата од различни етнички заедници.

Извор: Општина Ѓорче Петров

Прочитајте