Во Предлог-буџетот за 2023 година точно и прецизно се планирани средства за плати согласно растот на минималната плата и усогласувањето кај останатите вработени, содржи 250 милиони евра за справување со кризата, средства за зголемените пензии, а ѕвезда водилка на овој предлог-буџет ќе бидат капиталните инвестиции.
Ова го истакна заменик-министерот за финансии, Филип Николоски на гостувањето во емисијата „24 Анализа“ на Тв 24, каде што потенцира дека предложениот Буџет за 2023 година е директен одговор на предизвиците од кризата. Тој претставува слика на мерките и политиките што ги носи Владата, односно ќе ги носи следната година и воедно предвидува макроекономска стабилност и фискална консолидација.
„Три клучни работи има во Предлог-буџетот за 2023 година. Прво и основно е дека одвоивме 250 милиони евра како поддршка за справување со кризата во која сме и која најверојатно ќе трае и во првата половина од следната година. Второ, одвоени се дополнителни средства за пензионерите, односно масата пари за Фондот е зголемена за 120 милиони евра, што е уште една потврда дека оваа Влада се грижи за пензионерите, бидејќи знаеме дека оваа година пензиите се зголемија за 10-тина проценти, а веќе во март наредната година ќе има дополнителни уште најмалку 6% зголемување. И трета важна работа е сумата, односно износот на капиталните расходи планирани на ниво од 800 милиони евра, кои ќе бидат силен поттик на економијата“, рече заменик-министерот Николоски.
Тој потенцира дека зголемувањата на платите во оние сектори каде што беа направени оваа година се пренесуваат и во идниот Буџет.
„Оваа година се грижевме за најголемиот дел од вработените. Се зголемија платите на над 37000 вработени во образованието за 15%, потоа за 12000 вработени во МВР за 5 %, за 3500 вработени во културата за 30%, за над 2600 вработени во судството за 15%, за 20.000 вработени во здравството 5%, што се надополнува на оние зголемувања на платите во претходните години од 15% и 20%. Потоа за 4000 вработени во високото образование 7% … Тоа се над 80 илјади вработени во јавниот сектор. Дополнително линеарно зголемување ќе има уште кај 25 илјади вработени кај кои во платата една од компонентите е минималната плата“, рече Николоски.
Тој додаде дека со воспоставениот модел за раст на минималната плата, во март таа ќе порасне за 10% и ќе достигне речиси 20.000 денари, односно, како што потенцира, во март годинава изнесуваше 15.200 денари, а во март следната година ќе достигне 20.000 денари што е за 31% раст, а во однос на нивото од пред шест години има раст од 100%.
Во однос на капиталните расходи, посочи дека за Буџетот во 2023 година ѕвезда водилка ќе бидат капиталните инвестиции и оти очекува поголема реализација на проектите којашто би достигнала минимум 90%.
„Во 2023 година ѕвезда водилка ќе бидат капиталните инвестиции. Голем дел од инвестициите од оваа година се пренесоа за реализација во наредната година. Очекувам минимум 90% реализација. Од предвидените 800 милиони евра над 40 проценти се за инфраструктура, пред сè за Коридорот 8 и Коридорот 10Д, потоа за автопатските делници Тетово – Гостивар, Требениште – Струга, железничката пруга кон Бугарија и други“, потенцира заменик-министерот за финансии.
Тој се осврна и на даночната реформа, за која рече дека не станува збор ниту за нови даноци, ниту за зголемување на даноците.
„Концептот што беше широко дебатиран со сите релевантни чинители е само дел од Стратегијата за даночни реформи. Во контекст на тоа тука не станува збор за нови даноци, туку за некои даночни ослободувања, за што ние ги зедовме предвид сите препораки и забелешки од сите чинители со кои дебатиравме. Има неколку сценарија и наскоро ќе излеземе со тоа што точно ќе се применува од следната година, што од 2024 и што од 2025 година, бидејќи таа реформа ќе се спроведува постепено, истакна Николоски.
Во однос на кризата посочи дека Владата има капацитет за справување и потсети на донесените два пакета антикризни мерки во износ од 760 милиони евра, што беше нотирано и од страна на Светска банка, дека сме држава број еден во регионот со издвоени средства за помош како процент од БДП.
Извор: Министерство за финансии