Заменик министерот за труд и социјална политика, Енвер Хусејин, заедно со министерот за здравство Беким Сали, министерот за образование и наука, Јетон Шаќири и регионалната директорка на Уницеф за Европа и Централна Азија, Афшан Кан учествуваа на тркалезната маса во Центарот за поддршка на згрижувачки семејства во состав на Детскиот Дом – 11 Октомври.
Главна тема на дискусија беше продолжување на реформите за деинституционализација и инклузија, вклучително и преку меѓусекторскиот пристап на земјата за зголемување на поддршката за семејствата со фокус на семејствата на деца со попреченост и децата во ризик од напуштање.
Заменик министерот за труд и социјална политика, Хусејин пред присутните информираше за напредокот во зајакнувањето на системот за згрижување деца, вклучително и процесот на деинституционализација,која интензивно се спроведува во нашата држава.
„Како резултат на овие активности денеска нема деца до 18 годишна возраст сместени во институција. Целосно се трансформирани сите установи за згрижување на деца и обезбедени услови за семејна грижа за сите 186 деца под 18 години”, истакна Хусејин.
Во контекст на процесот на деинституционализација и резултатите од истиот, детскиот дом “11-ти Октомври” се трансформираше на начин што децата беа преселени во четири станбени единици, во изнајмени станови со обезбедена 24 часовна поддршка од страна на стручните лица.
Заменик министерот за труд и социјална политика во своето обраќање стави акцент и на јакнење на системот на поддршка на згрижувачките семејство како вонинституционална форма на заштита.
„За таа цел како нова форма за прв пат е предвиден „Центар за поддршка на згрижувачки семејства„ кој врши промоција на услугата згрижување во семејство, подготовка, проценка и обука на идни згрижувачи, како и да ги следи и дава поддршка на постојните згрижувачки семејства. Ваков центар е отворен во просториите на Детскиот дом „11-ти Октомври”, кој со поддршка на УНИЦЕФ беше реновиран и опремен. Центар за поддршка на згрижувачките семејства е отворен и во Домот за мали деца во Битола и во СОС Детско село”, информираше заменик министерот Хусејин.
За стручните лицa кои работат во овие центри за поддршка на згрижувачки семејства беа спроведени обуки согласно програма која беше подготвена со експертска помош обезбедена од УНИЦЕФ.
Со цел превенција од напуштање на децата, во рамките на Детскиот дом „11-ти Октомври” со поддршка на УНИЦЕФ се отвори и Центар за мајки и деца во кој може да бидат сместени мајки месец дена пред породување до тримесечна возраст на детето.
„Во рамките на овој простор функционира и Стручно тело за функционална проценка на деца и млади со засегната здравствена состојба до 26 годишна возраст”, дополни заменик министерот Хусејин.
На тркалезната маса учествуваа и директорот на Центарот и на Универзитетската клиника за психијатрија, како и партнери на граѓански организации, вклучително и Сојуз на специјални едукатори и рехабилитатори на Република Северна Македонија (МКФ и програми за рана интервенција), Глас против насилство (линија за помош за родители и Мелоу) и Отворете ги прозорците (вклучување на деца со попреченост).