Повеќе од 80 нови дигитални услуги за граѓаните и компаниите, зголемено користење на порталот uslugi.gov.mk за 56 проценти, како и потпишување на грант договор со ЕУ во вредност од 1,3 милиони евра за основање на MkSafeNet-прв Национален центар за побезбеден интернет.
Ова е само дел од активностите и постигнувањата на Министерството за дигитална трансформација кои што ги посочи министерот Стефан Андоновски на денешната прес конференција по повод 100-те дена од новата Влада, одржана во новите простории на МДТ.
Меѓу другото, како што рече, активно се работи на повеќе проекти поврзани со Сајбер безбедноста како што е подготовка на закони, стратегии и формирање на клучни центри за одговор на инциденти.
Дополнително, министерот Андоновски го најави проектот за изработка на првата владина мобилна апликација за административни услуги.
,,Овој проект, наречен Supper App ELI, со вредност од 1.200.000 евра, е дел од иницијативата на Дигитална Европа и ќе биде револуција во пристапот до јавните услуги,“ изјави Андоновски, додавајќи дека секој граѓанин ќе има пристап до услугите преку својот мобилен телефон.
Во рамки на овој проект се работи на воведување на дигитална верзија на лични карти и возачки дозволи, познати како мобилен паричник (ID Wallet), што ќе претставува револуција во начинот на кој граѓаните се идентификуваат и пристапуваат до услугите.
Се работи и на развој на интегриран систем на владини веб страници -единствена платформа за сите страници која ќе обезбеди максимална заштита, а се работи и на освежување на порталот uslugi.gov.mk, со цел тој да биде лесен за користење и достапен за лицата со попреченост.
Министерот Андоновски најави дека во 2025 година ќе бидат додадени 100 нови електронски услуги на порталот, базирани врз анализа на потребите на граѓаните, приватниот сектор и институциите, со широк спектар на области, ќе ги покриваат областите на административните процедури во МВР, ПИОМ, Министерство за правда итн. Исто така, ќе продолжи и отворањето на нови центри за услуги низ државата.