Поради безбедносни причини, а со согласност од сопствениците на објектот, Општина Кочани отстрани една од најстарите градби на улицата „Стево Теодосиевски“, поранешна „Ленинова“.
Според најавите на градоначалникот Николчо Илијев, викендов ќе продолжи рушењето и на другите објекти, на просторот каде што ќе се гради втората коловозна лента на „Стево Теодосиевски“.
– Целиот процес е во завршна фаза, трае долго, а овој објект беше потенцијална опасност за минувачите. Со уривањето и на другите објекти ќе овозможиме почеток на активностите за изградба на новата сообраќајна лента што ќе почне со изведба на потпорниот ѕид кај Спортската сала – соопшти градоначалникот Илијев.
Општина Кочани веќе ја заврши законската постапка за избор на изведувач на градежните работи за реализација на новата коловозна лента на „Стево Теодосиевски“. Се очекува до крајот на овој месец изведувачот да биде воведен во работите од потпишаниот договор.
Според предмерот во техничката спецификација на договорот, градежните активности ќе се реализираат на траса во должина од еден километар, односно ќе почнат од Кружниот тек кај Полицијата. Ќе се реконструира и постојниот коловоз, кај Двојниот мост ќе се изгради нов кружен тек и ќе се отстранат објектите на земјиштето коешто беше предмет на експропријација. Се планира овој градежен зафат да заврши со уште еден кружен тек кај агенцијата „Вел-јан“.
Извор: Општина Кочани