Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерот за локална самоуправа Горан Милевски, заменикот министер за финансии, Димитар Ковачевски, амбасадорката на Швајцарската Конфедерација во Северна Македонија, Н.Е. Сибил Зутер Техада, градоначалници и претставници на државните и локалните власти во Клубот на органите на државната управа присуствуваа на настан на кој беше промовиран дигиталниот „Систем за рамномерен регионален развој“ (sirеra.mk), којшто е развиен во рамките на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“.
Вицепремиерот Битиќи, во рамките на чиј Кабинет беше спроведена првата компонента на „Проектот за одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“, зборувајќи на настанот, посочи дека преку овој проект е креиран електронскиот систем за координација во планирање, спроведување, мониторинг и евалуација на политиката за рамномерен регионален развој, наречен „СиРеРа“, со кој се овозможува лесна и навремена координација на сите владини институции, кои согласно нивните програми и буџети планираат и инвестираат финансиски средства од државниот буџет.
„Започнувајќи од крајот на 2017 година, Кабинетот на Заменик претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања и координација на економски ресори и Министерството за локална самоуправа, во соработка со Амбасадата на Швајцарската конфедерација во Република Северна Македонија и нивната Агенција за развој и соработка (SDC), заеднички започнаa со имплементација на проектот за Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој, кој еве, сега, успешно се приведува кон крај. Чест ми е да го промовираме овој значаен проект и официјално да извршиме примопредавање на Министерството за локална самоуправа. Проектната единица започна со работа во јули 2018 година и денес, после скоро 3 години на подготовка, изработка и операционализација на планираните активности, може да се каже дека Република Северна Македонија добива одлична алатка за следење на политиката на рамномерен регионален развој, а тоа е системот sirera.mk“, објасни Вицепремиерот.
Тој додаде дека функцијата на оваа современа алатка е да ѝ помогне на Владата, но и на другите вклучени страни, пред сè министерствата, агенциите, дирекциите и останатите државни институции, во процесот на успешна имплеменатција на новиот Закон за рамномерен регионален развој и достигнувањето на предвидените 1% од БДП, како инпут во развојот на општините и регионите.
„Системот sirera.mk., дава точен преглед на сите инвестиции кои произлегуваат од националниот буџет и се инвестираат на регионално ниво. Електронскиот систем за координација во планирање, спроведување, мониторинг и евалуација на политиката за рамномерен регионален развој, наречен „СиРеРа“, овозможува лесна и навремена координација на сите владини институции, кои согласно нивните програми и буџети планираат и инвестираат финансиски средства од државниот буџет. Истовремено, овој систем ја зголемува транспарентноста и отчетноста на институциите, ја подобрува комуникација помеѓу институциите и ја зголемува ефикасноста и капацитетот на програмите“, посочи вицепремиерот Битиќи и додаде дека алатката дигиталниот систем во овој момент е надополнет со 10 годишни историски податоци преку чија анализа лесно може да се утврди трендот на раст на инвестициите кои се поврзани со една важна тема како што е рамномерниот регионален развој.
Министерот за локална самоуправа, Горан Милевски информираше дека Системот sierra.mk многу важен затоа што тоа е дел од севкупните реформи коишто се направени во изминатите 2 години со голема поддршка на амбасадата на Швајцарската Амбасада.
„Ја направивме новата Стратегија за регионален развој 2021-2031 година којашто е усвоена од Собранието на Република Северна Македонија, го донесовме новиот Закон за рамномерен регионален развој кадешто е инкорпориран овој систем sierra.mk, за да биде во надлежност на Министерството за локална самоуправа. Ја донесовме и новата Програма за локален развој и децентрализација како и Акционите планови коишто треба да ја имплементираат 10-годишната Стратегија и 5-годишната Програма за локален развој. Правно сите оние документи коишто беа неопходни за регионален и локален развој како Министерство за локална самоуправа заедно со швајцарската Амбасада и УНДП во еден дел успешно ги имплементиравме. Сега треба да ги гледаме плодовите од оваа активност. Прва компонента која треба да се имплементира тоа е вклучувањето во системот на овој систем, кој ќе биде јавно достапен и до медиумите и до граѓаните, до новинарите кои се занимаваат со анализи, да можат во секој момент да ги видат податоците, каква е тенденцијата за регионален развој односно дали се почитуваат критериумите и поделбата на парите според степенот на развиенот на планските региони“, нагласи Милевски.
Министерот посочи дека вкупната вредност на проектот изнесува 5 милиони швајцарски франци, од кои 3,3 милиони швајцарски франци се од Владата на Швајцарија и швајцарската Амбасада, а остатокот од буџетот на државата.
„Во изминатите 2 години, навистина направивме проекти како во Центрите за плански региони, заедно со овој Проект, втора и трета компонента коишто ги имплементираше МЛС, реновиравме многу училишта, игралишта, го развиваме туризмот, инвестиравме и во здравството. Овој месец ќе одиме на промоција и во Св. Еразмо, во Заводот за рехабилитација на луѓе на кои им треба физикална нега, значи навистина во сите области коишто значат она што им е неопходно на граѓаните во локалната самоуправа , швајцарската Амбасада преку овој Проект навистина вложи многу средства“, подвлече министерот и додаде дека очекува втората фаза на Проектот за одржлив и инклузивен регионален развој во вредност од околу 6 милиони швајцарски франци да започне да се сроведува наесен.
Амбасадорката на Швајцарската Конфедерација, Н.Е. Сибил Зутер Техада изрази задоволство што е извршена промоција на новиот дигитален систем sierra.mk и посочи дека очекува со системот да се подобри институционалната комуникација и координација и процесот на планирање, имплементирање и мониторинг на политиките за рамномерен регионален развој, кои беа развивани со поддршка од Швајцарија. Рамномерниот регионален развој е витален за доброто на сите граѓани, особено ранливите категории кои живеат во рурални и неразвиени региони во земјата.
„Развивање на вакви политики и стратегии и речиси невозможно без пристап до потребните информации кои ќе помогнат да се направи стратегиско насочување и соодветно дизајнерање на политиките, а во исто време ќе ја зголеми транспарентноста и ја зголеми координацијата помеѓу сите инволвирани страни. Драго ми е, што Владата не само што ја препозна потребата за ИТ систем, туку и покажа и посветеност за негово развивање во координација со сите национални инволвирани страни, со цел да го направи овој дигитален систем за идно креирање на соодветни политики. Во соработка со Швајцарската програма за соработка со Република Северна Македонија 2021-2024, дигитализацијата е нов клучен приоритет за постигнување на оддржлив развој, но дигитализацијата не е значи само технологија, таа исто така значи промена за сите луѓе. И најважно, дигитализацијата има за цел да допринесе за да се овозможат поволни стандарди за живот во Република Северна Македонија“, истакна во своето обраќање амбасадорката на Швајцарија, Сибил Зутер Техада.
Извор: Влада