Годинава ќе биде година на заздравувањето, по што Република Северна Македонија ќе се стреми кон остварување на приоритетните цели за забрзан раст и спроведување на европската агенда. Долгогодишното партнерство и поддршката од Соединетите Американски Држави во општествениот и економски развој на Северна Македонија, како и во евроатланските интеграции се од непроценливо значење за нашата земја во остварувањето на приоритетите. Министерот за финансии Фатмир Бесими, на маргините на Преспа Форум Дијалог, оствари средба со помошникот државен секретар и заменикот помошник секретар во Бирото за Европски и Евроазиски работи во Стејт Департментот на САД, Филип Рикер и Метју Палмер и амбасадорката на САД Кејт Мари Брнз, на која беше зборувано за соработката и за перспективите на нашата економија.
Приоритетите кон кои е насочена Владата и Министерството за финансии е постигнување на повисоки стапки на економски раст од 4% до 5% годишно, како и раст на платите за 20% до 30% на среден рок со цел подобрување на стандардот на граѓаните. Кон ова ќе целиме преку спроведување на фискална политика на среден рок, која ќе биде насочена кон инвестиции, заздравување и одржлив раст и фискална консолидација. Во оваа насока веќе е направен значаен исчекор преку подготовка на соодветна легислатива која ќе биде база за спроведување на овие реформи како: новиот Закон за буџети, кој е усвоен од страна на Владата, подолгорочна Фискална стратегија и Стратегија за управување со јавниот долг, Стратегија за даночна реформа, како и амбициозен повеќегодишен инвестициски план.
Од аспект на зголемување на инвестиците, во Министерството за финансии во финална фаза е Планот за финансирање на зaздравување и забрзан раст, кој има за цел да ги мултиплицира средствата за инвестиции преку ангажирање на приватен капитал. На тој начин побрзо ќе може да се постигне планирата развојна агенда, а истовремено ќе може да се спроведе и фискална консолидација.
На средбата од двете страни беше изразена заложба за продолжување на добрата соработка и партнерство, како и поддршка за реализација на приоритетите во градење на подобро општество и посилна економија.
Извор: Министерство за финансии