Пред заминувањето на Летните олимписки игри во Токио, младата пливачка Миа Блажевска – Еминова, заедно со својот личен тренер Илија Стојановски и својот татко, Мирсад Еминов, беа на прием кај градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев.
Миа Блажевска – Еминова има 15 години и е жителка на Карпош, која врз основа на своите резултати стекна право да ја претставува Македонија на ЛОИ во Токио.
Градоначалникот Стефан Богоев, на денешната средба на Миа, но и на целиот нејзин тим им посака добро здравје, среќа и успех на овој глобален спортски настан:
- Основната цел, како локална самоуправа е да вложуваме повеќе во младите спортски таленти. Тоа е вистинска и трајна поддршка за македонскиот спорт. Секаде низ Европа, градовите и општините се оние кои даваат најголема поддршка за младите таленти од својата средина и гледаме и Карпош, колку што е можно да го следи тој пример, рече Богоев.
Инаку, локалната самоуправа, во пресрет на олимпискиот настап ѝ додели на Блажевска – Еминова и еднократна финансиска поддршка.
На денешната средба, присутните разговараа и за пливањето како спорт и за големиот број придобивки кои ги носи истиот. Општина Карпош е во постапка и за изградба на затворен пливачки базен, до салата „Партизан“, кој пред сè ќе биде наменет за децата од основните училишта. Станува збор за инвестиција на Агенцијата за млади и спорт, која ова лето ќе почне да се реализира.
Извор: Општина Карпош