„Граѓаните од Битола и регионот сега имаат лесна врска со големиот број рекреативни локации под Пелистер и брза врска со ски центарот „Стрежево“. Ова е особено важно и за развојот на зимскиот туризам дополнително и заради фактот што Јавното претпријатие „Стрежево“ одговори на барањата на љубителите на зимските спортови овозможи и ноќно скијање на своите терени“, истакна претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев на увидот на реконструираниот регионален пат Битола – Нижеполе – Ски центар „Стрежево“, кој во наредните денови по техничкиот прием ќе биде пуштен во употреба.
На настанот присуствуваа и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска и директорот на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта „Македонија пат“, Беким Мемеди.
Градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска информираше дека покрај реконструкцијата на патниот правец кон Нижеполе, ќе започне и реконструкцијата на патниот правец Трново-Магарево .
„ Се наоѓаме во потпелистерието на патот Трново-Магарево, каде што денес промомвираме значајно одобрување на инфраструктурата во овој дел. Патот кон Ниже Поле го реконструира централната власт, а патот кон Трново, локалната самоуправа. На ова му претходеше инвестиција со целосна промена на колекторскит систем од 21.800.000 денари, на што по празникот Илинден влегуваме и со средување на коловозот, на што во овој потег од потпелистерието локалната самоуправа има инвестирано 557.000 евра.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски во својата изјава потенцираше дека развојот и унапредување на патната мрежа е приоритет за што се планирани инвестиции од преку една милијарда евра заради забрзан економски развој на државата и општините, особено во оние каде што туризмот е од особено значење за развој на локалната економија.
„Уверуваме дека поддршката продолжува во континуитет и заеднички со локалната власт ќе реализираме проекти за развој на Битола и цела Пелагонија. Ова го зборувам од причина што огромен број на средства алоцираме за развој на регионот. Се работи на проекти во патната мрежа, во комуналната инфраструктура, во гасификацијата“, нагласи Бочварски.
Директорот на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта, Беким Мемети рече: „Почнавме со асфалтирање на патот во должина од 6 километри инвестицијата е во висина од 36 милиони денари, исто така во тек е тендерска постапка за рехабилитирање и реновирање на патот Меџитлија – Битола кој е од големо значење за градот.“
Извор: Општина Битола