По повод вчерашната изјава на Претседателот на Владата на РСМ Зоран Заев дека корупција има, но не во високите ешалони на власта, односно дека истата е детектирана само во делот на административното функционирање на јавните институции врз основа на според премиерот, системска анализа, Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на РМ (УПОЗ), како единствен репрезентативен синдикат во управата и правосудните органи, не може да ја премолчи и да се согласи со вчерашната изјава.
Синдикатот на УПОЗ смета дека оваа изјава е паушална и истата во континуитет преставува напад на државната администрација како единствен виновник за лошата перцепција на граѓаните дека таа е неработна а сега и корумпирана. Притоа се заборава дека тоа влијае врз целокупниот имиџ на Владата и државата.
Корупцијата како механизам за придобивање на материјални и други придобивки за лична корист, не може да се гледа издвоено, во само еден сегмент на власта односно администрацијата, како што напомена премиерот Заев, без притоа не се спомене корелацијата со врвот на истата, особено што партиското поставување на кадри и организацијата која е хиерархиски поставена, е взаемно поврзана.
Синдикатот на УПОЗ смета дека корупцијата е сериозно прашање за сите вработени, и затоа предлагаме заедно со Владата како социјални партнери заеднички да се вклучиме во нејзиното сузбивање бидејќи таа е закана за иднината на државата.
Од тие причини, утре Синдикатот на УПОЗ ќе одржи Прес конференција, на која подетално ќе се произнесе по ова прашање.
Извор: УПОЗ