spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeВладаЗапочнува нова ера на соработката за интегриран и поврзан регион како европска...

Започнува нова ера на соработката за интегриран и поврзан регион како европска вредност

Со обраќања на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, на претседателот на Република Србија Александар Вучиќ и на претседателот на Владата на Република Албанија Еди Рама, како организатори и во координација и соработка со стопанските комори на трите земји, денеска во Скопје започна Економскиот форум за регионална соработка.

Со претставници на преку 350 компании од Албанија, Србија и Северна Македонија и уште стотина претставници на стопанските комори и на деловните заедници од другите земји од Западен Балкан, како и од повеќе други земји пошироко од регионот започнува нова ера на соработката во регионот, истакна премиерот Заев во своето обраќање.

„Овој масовен одѕив да учествуваат на овој настан и да бидат активни чинители на уште посилно и поорганизирано поврзување на регионот, е силна порака дека Балканот почнува да создава највисоко ниво на разбирање дека економското поврзување и создавањето на динамичен и витален регионален економски простор е заедничка желба и амбиција“, потенцираше Заев.

Тој додаде дека оваа нова енергија е израз на максималната посветеност на лидерите на трите земји за ефикасна регионална соработка.

„Ова е силна политичка волја. Се поврзуваме за развој на нашите економии, за изградба на заедничка економија, за подобар живот на секој наш граѓанин. Се поврзуваме со јасна, отворена и јавна намера нашите народи час поскоро да осетат директни, економски придобивки од олеснувањата кои ги обезбедуваме. Очекуваме многу скоро бенефитите да се осетат во домашниот буџет на милиони семејства, во квалитетот на живот на милиони граѓани“, нагласи премиерот Заев.

Премиерот Заев дополни дека ова што денес го градиме произлегува од европските вредности затоа што во себе, во своите темели ги содржи подеднакво исто четирите слободи на Европската Унија —  Слобода на движење на луѓе,  добра, капитал и услуги.

 

„За остварување на овие слободи, денеска како за почеток, ќе бидат потпишани еден договор и два меморандума за соработка. За да ги обезбедиме условите за реализација на овие слободи, го слушнавме апелот на бизнисмените од целиот регион и ги започнавме постапките за сведување на минимум или на целосно отстранување на административните процедури таму каде што е тоа можно“, рече премиерот Заев во обраќањето на отворањето на Економскиот форум за регионална соработка.

Заев истакна дека неуспехот на ЕУ да ги исполни ветувања за отворање на првата меѓувладина конференција со Албанија и Северна Македонија, и на кластерите за Србија и Црна Гора, е против европската идеја, против интересите на самата ЕУ и спротивна на определбата за членство во Европската Унија на овие две земји кои ги исполнија сите критериуми за тоа, и дека ние, земјите од Западен Балкан не можеме да чекаме сите внатрешни проблеми на Европската Унија да се решат за да одиме напред.

„Нашиот регион има приближно 18 милиони луѓе и тоа е многу сериозен капитал за да ги зајакнеме нашите економии. Да ја зголемиме благосостојбата на нашите луѓе и да донесеме големи инвестиции. Тоа се остварува многу потешко доколку го правиме поединечно“, потенцираше премиерот Заев.

Во завршницата на своето обраќање Заев нагласи дека иницијативата е отворена за сите земји од Западен Балкан и ги повика и охраби и останатите земји од регионот да се придружат.

„Да ја направиме визијата за заеднички политички и економски простор на Западен Балкан реалност со конкретни придобивки за сите наши граѓани. Да направиме да стане важен дел од секојдневниот живот на нашите граѓани преку единствениот пазар“, нагласи претседателот на Владата на Северна Македонија Зоран Заев.

Претседателот на Република Србија Александар Вучиќ во своето обраќање на форумот нагласи дека уште од почетокот визијата за оваа иницијатива потврди дека таа е за нашата иднина, и затоа со премиерите Заев и Рама се согласиле наместо поглед кон минатото да се насочиме со поглед кон иднината за да им оставиме иднина на идните генерации.

Претседателот Вучиќ истакна дека низ процесот на подготовката на иницијативата е развиена искрена доверба меѓу лидерите, владите и народите меѓу трите земји дека секој предлог од било која е еднаква придобивка за сите граѓани од регионот.

Вучиќ потенцираше дека никој не треба да се очекува дека некој друг ќе го сработи она што мора земјите од регионот сами да го направат и дека со процесот на целосно отворање на граничните премини регионот испишува историја.

Премиерот на Албанија Еди Рама се надоврза на обраќањето на претседателот на Србија Вучиќ и истакна дека нема зошто да останеме затворени во нашите граници, свртени грб со грб еден кон друг и дека она што ќе го правиме во ЕУ утре, почнуваме да го правиме денес и тука во регионот.

Рама нагласи дела лидерите и народите од регионот одлучија да направат се’ што е потребно и да не чекаме интегрирањето на регионот да зависи од ЕУ.

Премиерот Рама додаде дека денешниот ден доби уште една димензија на големина и значење и заради огромното присуство на деловните луѓе не само од Албанија и Србија, Северна Македонија, туку и од Црна Гора, Босна и Херцеговина, Словенија, Грција и од повеќе други земји.

Тој ја нарече оваа иницијатива за Албанија стратешка и потенцираше дека токму тој мозаик силно говори за вредноста на оваа иницијатива и за тоа колку на луѓето од бизнисот оваа иницијатива им е потребна, и дека заедничкиот регионален економски простор може многу повеќе да постигне отколку што тоа можат земјите сами и одделно да го направиме.

Извор: Влада

Прочитајте

АФПЗРР: Соопштение за исплата на органско производство за 2023 година

0
 Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој денес изврши исплата кон 811 лица со вкупен износ 61.219.350,00 денари за мерката Органско производство за 2023 година. Корисници...