„Борбата против криминалот и корупцијата продолжува и никој нема да биде поштеден од какви било индиции или постапки коишто се незаконски и водат кон корупција или криминал“, порача претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, на седницата за пратенички прашања во Парламентот.
„Тоа важи за тие од првиот, за тие од вториот и за било кој друг ешалон, тоа важи еднакво за сите граѓани. Имаме јасна порака до сите носители на јавни функции, до прв и втор ешалон, до државните службеници и до граѓаните – внимавајте, затоа што сега сѐ е јавно, никој нема да биде поштеден“, рече премиерот Заев.
Тој укажа на транспарентноста во државата, поради што граѓаните јавно укажуваат на сите индиции и затоа се можни уште поголеми резултати во борбата против криминалот и корупцијата.
„Најодговорни за следење се правосудните органи“, рече претседателот на Владата, Заев. Tој во однос на надлежностите на вицепремиерот кој традиционално управува со човечки ресурси и одржливиот развој, објасни дека прв пат има добиено задача и за борба против криминалот и корупцијата, поради намерата на Владата недвосмислено да се помогне борбата против криминалот и корупцијата на независните и истражни органи, коишто се борат против корупцијата.
„Администрацијата за мене се и премиерот и министрите и замениците министри и секако и јавната администрација, сѐ со конечна цел да бидам попрецизен. Недвосмислена и јасна порака секогаш сум испраќал и денес испраќам: законот важни еднакво за сите. Дополнително, плус етички – не само кривично, се одговорни носителите на јавните функции, колку се повисоко на функциите во ешалонот, затоа што од нив се очекува да бидат пример и не само да бидат пример, туку и да го помогнат целиот овој процес на најотчетно и најодговорно ниво“, додаде премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Заев, укажа дека денес антикорупциските активности се насочени кон секого и има судски завршници, за разлика од времињата кога никој од поранешната власт не беше повикан на одговорност.
Претседателот на Владата, Заев, на седницата зборуваше и за заложбите на Владата за професионална и ефикасна јавна администрација, поради што ги повика опозицијата и општо пратениците, на есен да ги поддржат реформите во јавната администрација коишто се изготвени од експерти, а во насока максимално професионално да им служи на граѓаните.
Извор: Влада