Градоначалникот Константин Георгиески денеска оствари средба со претставници на охридското здружение „Угостителски eснаф“ и со претставници на Асоцијацијата на хотелиери „ХОТАМ“ во врска со новите мерки за заштита на населението од заразната болест КОВИД-19, кои ги донесе Владата на Република Северна Македонија по препораката на Комисијата за заразни болести.
На состанокот присуствувааше и петседателката на Советот на Општина Охрид, Живка Ангелоска и раководителот Секторот за туризам и локален економски развој при Општина Охрид, Ѓоко Апостолов.
Градоналникот Георгиески се запозна со забелешките и проблемите со кои би се соочиле угостителските објекти и хотелските капацитети во спроведувањето на донесените мерки, кои треба да бидат активни од 16-ти август 2021 година.
Забелешките најмногу се однесуваа на воведувањето на задолжителна потврда за извршена имунизација и воспоставување на задолжителна редарска служба заради контрола на приложување доказ за вакцинација, при влез во секаков вид објект на отворено, вклучително и во угостителски објекти, каде има повеќе од 30 присутни лица, за било каков настан (прослава, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културни или спортски настани) на отворено.
Угостителите и хотелиерите од Охрид сметаат дека голем дел од мерките се тешко споведливи и нефункционални, бидејќи е средина на туристичка сезона и на охридското крајбрежје има голем број направени резервации за летување од странски туристи и туроператори.
Градоначалникот Георгиески истакна дека Општина Охрид и Советот на Општина Охрид ќе ги разгледаaт законските и правни можности за изготвување на иницијатива или барање со одредени конструктивни предлози, во однос на донесените мерки кои би се доставиле до надлежните институции на централно ниво.
Извор: Општина Охрид