Општина Карпош ја реконструираше улицата „Мирка Гинова“ во населбата Карпош 1, позади гимназијата „Орце Николов“. Службите ја асфалтираа сообраќајницата во должина од 240 метри и ширина од 4.5 метри, а се обновија и пристапните краци од улицата.
По коловозната лента поставен е завршен слој асфалт – бетон, со дебелина од 5 cm, со што се подобрува безбедноста за сите учесници во сообраќајот. Исто така, локалната самоуправа постави и нови рабници, а направено е поплочување и на тротоарите, за побезбедно движење на сите граѓани.
Општина Карпош периодов работи и на реконструкција на улиците „Иван Аговски“ и „Париска“, а претстои обнова и на улиците „Шекспирова“ и „Гиго Михајловски“.
Во врска со улицата „Париска“, во Тафталиџе, ги известуваме сите граѓани дека во моментов се поставуваат нови сливници за апсорбирање на атмосферските води, а се работат и прекопи за БЕГ. Штом завршат овие активности, изведувачите ќе пристапат кон финално асфалтирање на улицата.
На сите жители им благодариме за разбирањето и трпението за време на инфраструктурните активности.
Извор: Општина Карпош