Негрижата за најзначајниот монументален објект во Велес, Спомен- костурницата од страна на локалните власти претставува и негрижа кон историското наследство кое му припаѓа на секој граѓанин.
Спомен- костурницата е изградена со доброволни прилози собрани од жителите на Велес, како симбол на раѓањето на нешто ново, симбол на победата над фашизмот, симбол на слободата, а во исто време и вечно почивалиште на велешките борци кои погинале во народноослободителната војна.
Овој величенствен монумент на непокорот денес е само уште една жртва на апатичниот однос на локалните власти кон културно – историското наследство.
Единствената санација и реконструкција на објектот која траеше близу три години за што беа одвоени 4,5 милиони денари од буџетот на Министерството за култура беше завршена во 2016 година.
Со санацијата требаше да се заштити најголемиот мозаичен комплекс во Македонија со површина од 220 м2, меѓутоа тука застанува секоја грижа за одржување на костурницата. Имено, иако во 2019 година биле потрошени 467.280,00 ден за набавка на растенија и материјали за кружен тек и зелен ѕид на Спомен- костурницата, сепак објектот никогаш не изгледал полошо.
Локалната власт предводена од СДСМ дозволи препознатливиот велешки споменик повторно да биде згазен од чекорот на времето, свесно ставајќи го во опасност со нивната негрижа.
Покривот, очигледно неквалитетно саниран, повторно е руиниран со што во опасност е доведена внатрешноста која ја сочинуваат петте мозаични слики кои ја раскажуваат петвековната историја на Македонија.
Поради неспособноста на локалната власт повторно постои закана од уништување на огромното културно- историско богатство, богатство кое што им припаѓа и на идните генерации, исто како што им припаѓаат и историјата, идентитетот и јазикот.
Извор: ЛЕВИЦА