Општините ќе имаат можност за финансиска консолидација преку 10-годишна структурна обврзница што ќе ја издава Министерството за финансии. Ова е еден од трите инструменти што општините ќе ги имаат на располагање во случај на финансиска нестабилност, а истото е регулирано со Предлог-закон за измени и дополнувања на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа којшто го изготви Министерството за финансии и е усвоен од Владата. Дополнително, за разлика од досега, во случај на финансиска нестабилност, градоначалникот ќе има обврска да изготви Предлог-план на мерки за надминување на финaнсиската нестабилност, информираше министерот за финансии, Фатмир Бесими, на прес-конференција на којашто беше промовиран Законот како дел од реформата за унапредување на фискалната децентрализација. На оваа реформа Министерството за финансии работи од почетокот на годинава.
„Првиот инструмент – Условен кредит, ќе го издава Министерството за финансии. Тој е со времетраење до 10 години. Вториот инструмент – Бескаматна општинска обврзница, е со рок на достасување исто како и првиот инструмент до 10 години. Бескаматната општинска обврзница ќе се издава по донесување акт за одобрување на емисијата на хартии од вредност од страна на Комисијата за хартии од вредност. Третиот инструмент – Структурна обврзница, ќе се издава од страна на Министерството за финансии на барање на општината“, истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими.
За користење на еден од инструментите, општината ќе доставува барање до Министерството за финансии врз основа на Планот на мерки за надминување на финансиската нестабилност. Барањето ќе содржи податоци за потребниот износ на финансиски средства и можноста за користење на еден од инструментите.
Наспроти досегашната обврска градоначалникот да прогласи финансиска нестабилност, како предуслов за отпочнување на постапката на финансиска нестабилност во општината, а согласно предложените измени на Законот, финансиската нестабилност настанува по сила на закон со денот на исполнување на еден од условите пропишани во Законот, без да се чека на донесување одлука од страна на градоначалникот.
Веднаш по настапувањето на финансиската нестабилност, Советот на општината, на предлог на градоначалникот, носи План на мерки за надминување на финансиската нестабилност. Мерките опфаќаат ограничувања на градоначалникот во поглед на користењето на општинските средства по повеќе основи, а се со цел рационално користење на средствата и надминување на финансиската нестабилност. Планот транспарентно се објавува на веб-страницата на општината со цел запознавање на пошироката јавност. Министерството за финансии ќе го следи спроведувањето на мерките од Планот.
Како дел од реформата за унапредување на фискалната децентрализација, а во насока на зголемување на финансиската дисциплина на општините, намалување на долговите и домаќинско работење, предвидени се и мерки за реално планирање на приходите и расходите на општините, рационализација во работењето и намалување на непотребните расходи, редовно сервисирање на обврските, поголема финансиска дисциплина, процедури за прогласување финансиска нестабилност, издавање општински обврзници и анализа на постојните обврски на општините и јавните претпријатија.
Извор: Министерство за финансии