За катастрофалното владеење на Филип Темелковски во Кисела Вода, говори фактот што во неговиот мандат не е реализиран ниту еден капитален проект во општината, додека во буџетот по нејасни основи се трошат енормни средства буџетски пари.
Во „најпопуларните“ други тековни расходи, се појавува и особено висока ставка како други оперативни расходи, која воопшто не е објаснета, за што навистина станува збор и зошто општинската администрација потрошила во 2019 и 2020 година милионски суми.
Крајно сомнителни се и расходите во износ од 50.000 евра за семинари и конференции, кои во 2020 година се одржуваа онлајн, во многу помал обем и беа многу поевтини. Дополнително, општинската администрација има и бесплатни обуки кои се организирани од страна на Министерството за информатичко општество и администрација, но веројатно потребни биле дополнителни семинари и конференции, за Темелковски да може да го оправда своето расипничко трошење на буџетот.
Вакви големи износи на расходи се крајно неоправдани, со оглед на тоа што жителите на Кисела Вода се соочуваат со елементарни проблеми, како немање водоводна и атмосферска канализација, а во делови на општината се’ уште има септички јами!
Темелковски очигледно не е запознаен, ниту има волја да ги испорача барањата на жителите и единствената негова визија за Кисела Вода е како да исцеди повеќе пари од буџетот – и токму затоа, ова ќе е неговиот последен мандат од неговото непопуларно управување со општината.
Извор: ЛЕВИЦА