Министерот за надворешни работи на Северна Македонија и Германија, Бујар Османи и Хајко Мас, се сретнаа денеска попладне во Берлин.
На средбата се разговараше за теми поврзани со европската интеграција на Република Северна Македонија, како и за најновите регионални случувања. Главниот фокус на состанокот беше ставен на завршување на стратешката цел на Северна Македонија, членство во ЕУ, и во тој контекст, очекувањата и перспективите за следниот самит Брдо на ЕУ-СБ во Крањ, Словенија.
“Пријателите и партнерите ги земаат предвид меѓусебните перспективи и интереси. Нашиот состанок беше длабинска размена за изгледите за следниот исчекор на Северна Македонија кон Европската унија. Привилегија е да се има Германија за пријател и поддржувач, кој искрено помага да се реализираат овие наши стратешки цели како важна геостратешка инвестиција”, истакна Османи.
Министерот Маас на средбата истакна:
“Крајно време е Европската унија да ја спроведе консензуалната одлука донесена во март 2020 година и да започне пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија. Сакам да изразам целосна поддршка за словенечкото претседателство со Советот на ЕУ, кое вети дека ќе стави крај на сегашниот ќор -сокак. Самитот во Брдо мора да испрати недвосмислена порака за остварливоста за пристапување на Западен Балкан. Политиката за проширување ќе добие голем кредибилитет со напредок во досието на Северна Македонија наскоро. Сакам да подвлечам дека постои силен консензус меѓу политичките партии во германскиот Бундестаг во однос на нашата континуирана поддршка за пристапниот пат кон Западен Балкан во ЕУ. Нашиот ангажман ќе продолжи низ и надвор од тековната фаза на транзиција, и по формирање на новата влада”.
На средбата, соговорниците разговараа и за севкупниот развој на билатералните односи, економската соработка, ситуацијата во врска со пандемијата на Ковид-19, актуелните надворешно-политички прашања, како и соработката во бројни мултилатерални организации.
Извор: Министерство за надворешни работи