Денешниот ден како Светски ден за пристојна работа случајно во Македонија се прославува во ек на изборна кампања. Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија – КСС многупати претходно во изминатите години излезе со став дека работничките права се цел на политичарите за собирање на политички поени, а со тоа длабоко се нарушуваат и од година во година се се‘ помали и помали. Така и во оваа изборна кампања се изнаслушавме популизам со кој се лицитира со правата на сиромашниот и обесправен работник.
До вчера, на премиерот на државата како дадено ветување од минатите избори за недела – неработен ден како и новиот закон за работни односи му беше тема во изминатата година да покажат колку се грижат за работничките права, но очигледно затоа што тоа не стана реалност истото било само гол популизам.
Премиерот на државата во неколку наврати низ годините, а особено во последната година вработените во јавната администрација ги нарекуваше корумпирани, а сега доаѓаме до ситуација каде што само 30 % од вработените се наградуваат со по 9,000 денари цели шест месеци. Ако знаеме, а тоа е јавно достапно преку Државниот завод за статистика, дека во јавниот сектор имаме плус 35,000 вработени за последните 4 години (2017 – околу 170,000, а 2021 – околу 205,000 вработени), проценете сами за кого беа наменети тие награди.
Премиерот на Македонија четири години говореше за трансфер на вработени од јавен во приватен сектор и за превработеност, но сега говори за скратено работно време на јавниот сектор од 36 часа, односно петок да се работи само 4 часа. Оттука се прашуваме, како наеднаш го променија својот став кон јавниот сектор и покажаа толку голема грижа, што за нас секако повторно е чист предизборен популизам.
Од самиот почеток на пандемијата, КСС бара исплаќање на 100 % боледување на сите работници коишто се заразиле на своето работно место, како што пропишуваат законите во Македонија и тоа е наше право коешто никој не може да ни го одземе, но очигледно е кога нема избори, за работниците се мисли најмалку.
Пред само шест 6 месеци, баравме политички договор за покачување на минималната плата, од причина што во тие моменти Македонија беше во рецесија и имаме голема инфлација, но и тогаш останаа глуви на нашите барања. Минималната плата во март месец се покачи за 1,7 %, а во тој момент инфлацијата беше 2,7 %, па проценете сами дали имавме зголемување на минималната плата. Но, затоа сега повторно слушаме од властите дека минималната плата до крајот на годината ќе биде 18,000 денари, што секако без срам повторно се манипулира со сиромашниот работник.
Мораме да напоменеме и дека во изминатава година делеа субвенции за плати на работниците, каде што голем број работодавачи не ги исплатија, всушност направија злоупотреба, а голем број работници останаа без ниту еден денар да поминуваат низ трагедијата на оваа пандемија. Многу невладини организации, но и синдикати поднесоа претставки до надлежните институции да се санкционираат таквите работодавачи, а парите да стигнуваат директно на сметките на работниците, но се случи токму спротивното, истите работодавачи добија повторно субвенции за исплата на плати и повторно истите не ги исплатија на работниците, а сиромашниот работник повторно остана незаштитен од институциите на системот.
Многупати во минатото, а и сега кажуваме, без почитувањето на трудот на работникот нема почитување на општеството и замолуваме да не се лицитира повеќе со работничките права во предизборни кампањи, затоа што е веќе видено дека е само политички популизам за собирање политички поени и повеќе гласачи, но со тоа, само се нанесува штета, а работниците ја плаќаат сметката. Во Македонија немаме ни достоинствена работа, немаме ни достоинствена плата, работникот не е заштитен и не верува во институциите.
Затоа денеска ги повикуваме сите работници во Македонија свесно и совесно да го кренат својот глас и да кажат СТОП за неправдата која им се нанесува, да кажат стоп за манипулацијата со нивните права во предизборен период, а политичарите коишто имаат чесни намери да направат системско решавање на сите проблеми во делот на трудовото право и јавно да излезат и да се извинат на работниците коишто во изминативе години беа обесправени и осиромашени. Мора да сфатиме дека достоинството на работникот и вреднувањето на трудот мора да биде основна религија во којашто ќе верува секој политичар, во спротивно ниту ќе имаме економски просперитет и продуктивност, ниту ќе имаме достоинствена работа и достоинствени плати.
Со искрени и солидарни поздрави до сите работници во Македонија,
Конфедерација на слободни синдикати на Македонија – КСС