Министерката за образование и наука Мила Царовска во емисијата 360 степени, посветена на лажните вести во врска со сеопфатното сексуално образование, рече дека јавноста треба да знае дека Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образование со новата Концепција, преку темата родова рамноправност, предвидуваат учење со кое се унапредува рамноправноста на жените и мажите и се разбиваат стереотипите.
„Навистина е жалосно што нивото на разбирањето на родовата рамноправност во нашето општество е на многу ниско ниво и се поврзува со ЛГБТ’’, рече Царовска.
Царовска вели дека се што е поврзано со новата Концепција, е јавно достапно на веб страниците на МОН и на БРО и навистина е жално што одредени групи продолжуваат да ја манипулираат јавноста со лажни вести, коментари и илустрации.
“Со лажните вести се бориме преку транспарентност. Сигурно дека нема да правиме контрапротести за ова прашање, но е многу важно дека ние во континуитет информираме навремено. И дневно објавуваме се што правиме. Исто беше за концепцијата, се направија дебати, се објавија сите документи, учебниците и видовте дека немаше реакции по истото, што укажува на тоа дека единствен начин за борба против лажни вести е континуирано и навремено информирање на сите засегнати страни за ризикот од подлегнување под лажни вести се намали“, вели Царовска.
Сеопфатното сексуално образование од оваа учебна година е изборен предмет кој се пилотира во 4 училишта во државата во деветто одделение. Наставата ја следат исклучиво ученици чии родители дале согласности.
Идејата на МOН и на БРО е прво да се видат резултатите од пилот-фазата, ако има потреба, да се направат промени во програмите и дури потоа, како изборен, предметот да почне да се воведува во наставата.