Во Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со државната секретарка Магдалена Несторовска остварија средба со претставничката на УНХЦР во земјава, Моника Сандри и нејзината заменичка Кристина Бунеа.
Во фокусот на дискусијата за време на средбата беа состојбата со бегалците, меѓусебната соработка во однос на управувањето со системот на азил, ажурирање на модулот на азил од базата на податоци за странци, зголемување на капацитетот за заштита на барателите на азил и лицата под меѓународна заштита.
На средбата се разменија мислења и во однос на можностите за определување на матичен број на лицата – баратели на право на азил, издигнување на уште повисоко ниво на годишната програма за соработка меѓу МВР и УНХЦР, а беше разгледана и можноста за зајакнување на поддршката од страна на УНХЦР на МВР и нејзино формализирање.
Претставничката на УНХЦР г-а Сандри, во контекст на глобалната пандемија, особено се заблагодари на напорите на МВР, како што тоа го стори и Високиот комесар за бегалци г. Филипо Гранди на неодамна одржаната 72.Сесија на Извршниот комитет на УНХЦР, за напорите и успехот на Министерството за внатрешни работи да го зачува здравјето и на барателите на азил и на сопствениот персонал.