Тротоарот што го поврзува Кочани со влезот на селото Бели е завршен. Поплочена е пешачка зона во вкупна должина од околу еден километар, којашто овозможува поголема безбедност за пешаците на оваа релација.
Избраниот изведувач, фирмата „Ќану компани“ од Скопје, изведуваше градежни работи од левата страна на улицата „Страшо Ербапче“, на потегот од крстосницата со улицата „Малина Попиванова“ до крстосницата пред Бели, на регионалниот пат кон Пониква. При изградбата на пешачката патека се поставија рабници и пропусти за атмосферска вода. Оваа патна врска од Кочани до Бели е осветлена со дваесетина нови столбови со штедливи лед-светилки, кои даваат солидна видливост на досега неосветлениот сообраќаен потег.
– Проектот за изградба на тротоар е дел од нашите заложби за рамномерен локален развој и за поврзување на населените места со административниот центар со патна инфраструктура за сите учесници во сообраќајот. Тоа ја покажува и нашата настојчивост за подобрување на условите за живот и во градот и во населените места. Уредениот и осветлен тротоар може да биде уште една пријатна релација за рекреативците – истакнува Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.
Во 2020 година Општина Кочани изгради 3,5 км тротоарска врска меѓу селата Мојанци, Горни и Долни Подлог, со јавно осветлување.
За реализацијата на проектот за современо тротоарско поврзување на градот со селото Бели, Општина Кочани издвои четири милиони денари од сопствениот буџет.
Извор: Општина Кочани