Државната секретарка м-р Магдалена Несторовска учествуваше и имаше обраќање на завршната конференција за Проектот БАН (BALKAN ACT аgainst crime of trafficking NOW), чија главна цел беше зајакнување на меѓусекторската соработка, институционално прилагодување и усвојување на алатката за мониторинг, што ќе овозможи објективно и одговорно следење на квалитетот на заштита и помош на жртвите на трговија со луѓе. Завршната конференција е организирана заради сумирање и претставување на резултатите постигнати од четиригодишната имплементација на проектот.
На овој настан учествуваа националните известувачи, националните координатори и претставници на канцелариите на омбудсманите од земјите партнери, експерти кои учествуваа во подготовка на националните извештаи за достапност и квалитетот на услугите за жртвите на трговија со луѓе од релевантни институции, невладини организации, претставници од домашни и меѓународни организации.
Во улога на Национална координаторка за борба против трговијата со луѓе и илегална миграција, м-р Несторовска во своето обраќање се осврна на регионалната компонента на Проектот, кој е фокусиран на изградба на капацитети на земјите од Западен Балкан и анализа на состојбата на терен, со цел да се предложат нови решенија. Во обраќањето, м-р Несторовска изјави дека „во изминатите години Република Северна Македонија постигна значаен напредок во однос на домашното законодавство, претстојните законски реформи и постапувањето на институциите во случаите на трговија со луѓе. Работната група составена од претставници на МВР, МТСП, Обвинителство со поддршката на Здружението на граѓани Отворена Порта, преку мониторинг алатката, поставија заклучоци кои ја пресликуваат реалната слика во државата како и препораки адресирани во насока на унапредување на состојбите. Вклученоста на здруженијата на граѓани во процесите на евалуација го надополнуваат прегледот и содржината на активностите, но и укажуваат на дополнителни активности кои треба да ги преземе државата за поефективно справување со трговијата со луѓе. Република Северна Македонија е првата земја во регионот на Западен Балкан која воспостави независен механизам – односно Национален известувач во рамките на Народниот правобранител. “