ССМ и Синдикатите во изминатиот период активно работеа на подигнување на свеста кај членството и работниците за важноста на процесот на имуницација се со цел побрзо завршување на оваа здравствена криза особено ако знаеме дека газдите на работа доаѓаат во мерцедеси и сами седат во канцеларии додека ние работниците на работа доаѓаме во преполни автобуси и работиме во погони во кои често и да нема соодветно растојание за запазување на мерките.
Укажувавме дека пристапот за поттикнување и стимулирање треба да биде на начин на кој за имунизацијата, работниците ќе добијат повеќе информации но и одредени бенифиции кои ќе беа дополнителен мотив, но за жал Комисијата на барањата на работниците како на пример најмалку денот кога се вакцинираат да биде препорачано да биде платен неработен ден (поради зачестените пријави дека газдите ги тераат по вакцинацијата да се вратат веднаш на работа,а не ги ни ослободуваа доколку имаа реакција по примањето на вакцината во наредните денови) тие се огласија за ненадлежни, а од друга страна денеска сме сведоци како истата Комисија предлага и ги изложува работниците на сопствен трошок да прават PCR тестови доколку одлучат да не се вакцинираат.
Дали при предлагањето на мерките размислувале дека просечна цена за едно тестирање со PCR тест изнесува 2000 денари, па со препораките на Комисијата за здравствена заштита во делот на задолжително приложување на PCR тест на 72 часа за работниците кои сеуште не одлучиле да се имунизираат, произлегува дека еден работник ќе го чини најмалку 20.000 денари месечно поради фактот што ќе бидат потребни 10 PCR тестирања по работник во текот на 30 дена во месецот.
Ако државата нема обезбедено финансиски средства во Буџетот за 2022 година за бесплатни PCR тестови за сите работници, а работодавачите укажуваат дека товарот треба да падне на работниците за тестирањето и тоа за да можат да им дојдат на работа и да им работат за минимална плата од 15.200 денари и да им ствараат милиони во добивка, работниците побргу ќе умрат од глад одколку од корона.
Ги охрабруваме сите засегнати страни да се воздржат од било какви процеси кои очигледно имаат обратен ефект и наместо да стимулираат и охрабрат на вакцинација, ја дестимулираат истата.
Работниците да се информираат за бенифитот од вакцинацијата и самостојно да изберат на кој начин ќе придонесат за зачувување на нивното здравје, здравјето на нивните најблиски и здравјето на нивните колеги, но тоа во никој случај не смее да биде по пат на закана за нивните работни места или под присила за оптоварување на нивната ниска плата со која едвај преживуваат.