,,Предлог-буџетот на Министерството за информатичко општество и администрација за 2022 та година изнесува 1.323.684.000 денари, што значи имаме зголемување на некои ставки во буџетот во споредба со минатата година”, рече министерот Јетон Шаќири на денешната прес-конференција.
Буџетот на Министерството за информатичко општество и администрација е поделен на 3 дела:
1.Првиот, и најголемиот дел од овие средства, односно 900.000.000 денари се одвојуваат за финансирање на Националната радио телевизија, Националната радиодифузија и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
2.Вториот столб во буџетот на МИОА е буџетот на МАРнет кој изнесува 15.254.000 денари. Со одвојување на средства во буџетот, а и како дел од Националниот оперативен бродбенд план, продолжуваме да инвестираме во поврзувањето на Универзитетите и сите останати образовни и истражувачки установи во мрежата на МАРнет, што ќе придонесе кон реализација на целите поврзани со зголемувањето на потребите за користење на бродбенд услуги и нивна промоција како и намалување на дигиталниот јаз.
3.Од останатиот дел од предлог буџетот за 2022 година, односно третиот столб со буџет од 277.532.000 денари, голем дел од средствата се предвидени за дигитализација на услугите и полесен, побрз, поефикасен пристап до нив за граѓаните и бизнисите.
„Транспарентноста и отворената работа, како и редовната консултација со граѓаните се основата на креирањето политики и одлучувањето, кои се во интерес на граѓаните. Им благодарам и на Министерството за финансии и на Владата за чувствителноста во оваа насока и убеден сум дека 2022 година ќе биде година на многу успеси не само за МИОА туку и за секој граѓанин“, го заврши своето презентирање министерот Шаќири.
Извор: Влада