Со засадување на листопадни високорастечки садници, Општина Илинден почна со реализација на еколошката акција за озеленување на повеќе локации во урбаниот дел на општината, во рамки на проектот „Зелена општина Илинден”.
Акцијата се спроведе во соработка со ЈКП „Илинден” и ЈКП „Водовод, како и општествено одговорни компании од бизнис секторот, а целта е да се придонесе за подобрувањето на квалитетот на воздухот, унапредувањето на животната средина, како и подобрување на условите за живеење и квалитетот на живот во локалната заедница.
Како што истакна градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, со реализацијата на проектот „Зелена општина Илинден” се залагаме за еколошки почиста општина, како и подигнување на еколошката свест и подобрување на амбиенталниот воздух на граѓаните во општина Илинден. Градоначалникот Георгиевски упати голема благодарност до бизнис секторот, односно до општествено одговорните компании кои со нивната донација ја потпомогнаа оваа еколошка акција да се реализира.
-Заштитата на животната средина претставува еден од врвните приоритети со кои сакаме да постигнеме не само заштита на прирoдата, туку пред се одржливо користење на природните ресурси на Македонија. Заштитата и унапредувањето на животната средина и природата е едно од основните права, но и обврски на граѓаните, изјави Георгиевски.
Грижата за екологијата и здравата животна средина е обврска на секој од нас, па во таа насока одржувањето на озеленетите површини и садниците е грижа и обврска на секој поединец во локалната заедница.
Извор: Општина Илинден