Преквалификацијата и доквалификацијата овозможуваат брзо стекнување на вештини и знаења, а со тоа и оспособување за занимања за кои пазарот на труд има потреба. Во услови на интензивни општествени промени, овие форми на учење се клучни за зголемување на можностите за вработување и директно влијаат врз економскиот раст, потенцијалот и конкурентноста на локалните економии. Црвениот крст на Република Северна Македонија преку Центарот за обуки на возрасни со преквалификација и доквалификација со верификувани програми ќе придонесе за обезбедување на дефицитарен кадар, како што се негователи во домашни услови, негователи за палијативна нега и за алцхајмерова болест како и персонални асистенти, рече министерката за образование и наука Мила Царовска на настанот по повод отворањето на првиот ваков центар во Скопје.
„Ме радува што имаме тренинг едукативен центар за возрасни опремен според сите светски стандарди, кој ќе биде пример во регионот. Преку верификувани обуки, овој Едукативен центар ќе обезбедува квалитетен кадар за поддршка за локалните заедници и на граѓаните на кои им е потребна нега“, нагласи Царовска, додавајќи дека мрежата на тренинг-центри треба да се прошири во другите општини низ државата, за да им се овозможи на граѓаните полесен пристап до обуките.
Министерката информираше и за измените и дополнувањата на Законот за образование на возрасните кој е во Собраниска процедура, со кој се прават суштински промени во организирањето и управувањето на системот на образование на возрасните.
„Ги повикувам пратениците да ја изгласаат законската регулативата со која се поедноставувуваат процесите за верификација на програмите за обука, со што ја олеснуваме работата на Центрите за обука на возрасни“, укажа министерката.
Новата регулатива ќе го олесни процесот на верификацијата на посебните програми и на институциите за образование на возрасни, којшто целосно преминуваат во надлежност на Центарот за образование на возрасни, а самата постапка за верификација се забрзува и ќе трае најмногу 30 дена. Дополнително, се зголемува и периодот на траење на верификациите од три на пет години. Се воведува и ре-верификација, што значи дека веќе верификуваните програми, кои се позитивно оценети од стручниот инспециски надзор, нема да подлежат на нова верификација, туку автоматски ќе им биде продолжена претходната верификација за нови пет години. Се воспоставува и систем за вaлидација на неформалното и информалното учење, со единствена цел да се унапреди видливоста и транспарентноста на вештините и компетенциите на работната сила во рамките на пазарот на трудот кој има недостаток од квалификувани работници.