На покана на Алијансата на либерали и демократи за Европа (АЛДЕ), заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања учествуваше на регионалната конференција “Обновен наратив за забрзана интеграција во ЕУ”, како говорник на панелот “Иднината на ЕУ: Во кој правец се движи Европа во 2021?”.
Вицепремиерот Димитров се осврна на заложбите на Северна Македонија за интеграција во Европската Унија, вклучително и вложениот политички капитал на основа на европското ветување.
Димитров: “Ниту една европска земја одделно не е доволно силна за справување со современите предизвици, единствениот начин е европскиот проект за обединување на континентот што без овој регион – Западниот Балкан, секогаш ќе биде нецелосен и недовршен. Северна Македонија е приказна на надеж за овој проект, така што нашиот (не)успех е (не)успех и за ЕУ, ако ЕУ е сила што влече за добро. Одговоривме на многу стриктни услови, време е да добиеме праведна валидација, ако ЕУ е заедница на вредности.”
На панелот се обратија европски политичари и млади либерали, меѓу кои европратеникот Илхан Ќучук, австрискиот пратеник Хелмут Брандштетер и француската пратеничка Лилиана Танги (преку видео конференциска врска), коишто испратија порака дека европскиот проект мора да испорача успех преку европското македонско досие.
Во оваа прилика, вицепремиерот Димитров се сретна со европратеникот Ќучук, на којашто беа разговарани актуелните прашања во врска со македонско-бугарските односи, а имаше и краток разговор со словенечкиот министер за економски развој и технологија Здравко Почивалшек, во однос на продлабочување на економската соработка и пријателските билатерални односи.