Државниот секретар во министерството за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, го отвори Регионалниот вебинар за Централна и Источна Европа на тема „Воспоставување на научно-политички панел за хемикалии, отпад и загадување“, кој се одржа вчера, во организација на Програмата за животна средина на Обединетите Нации (UNEP), Швајцарската федерална канцеларија за животна средина (FOEN) и Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија во име на Централна и Источна Европа.
На настанот се разгледуваше предлог текстот на резолуцијата со која ќе се поддржи формирањето на научно-политичкиот панел за хемикалии, отпад и загадување, што ќе овозможи вклучување и користење на научните истражувања и податоци во градењето глобални политики во управувањето со хемикалиите, отпадот и загадувањето воопшто.
– Република Северна Македонија е целосно посветена и ги поддржува националните, но и глобалните и регионални акции за еколошко управување со хемикалиите и отпадот. Во тој контекст, нашата држава ја препознава потребата да се зајакне научно-политичкиот панел, кој ќе им овозможи на креаторите на политиките да бидат информирани во врска со најновите научни постигнувања – истакна Шукова.
Учесниците на вебинарот имаа можност преку конструктивна дискусија да придонесат за финализирање на нацрт текстот на резолуцијата, која ќе биде презентирана на вториот сегмент од Петтата Асамблеа за животна средина на Обединетите Нации (UNEA 5.2), што ќе се одржи во Декември 2021, во Најроби Кенија.
Извор: Министерство за животна средина и просторно планирање