Во периодот од официјалното означување на стартот на работите на терен во средината на јули 2021г. до 25.11.2021 г. реализирани се следните активности:
– По започнувањето со иницијалните активности во летниот период (поставување на заштитна ограда, расчистување на теренот заради полесно маневрирање во потегот околу депонијата и околу идниот шатор) во кругот на ОХИС во близина на самата локација на депонијата се случи пожар заради кој беа прекинати сите активности, со цел непречено завршување на истрагата за причините за пожарот.
– На крајот на месец август и во текот на месец септември продолжија интензивни работи за подготовка на теренот за поставување на шаторот кој треба да се постави заради заштита на околината од несакани емисии и разнесување на контаминацијата со дополнително воспоставен негативен притисок кој ќе го сведе на минимум излезот на ситните честички прашина од местото на ископ на контаминираниот материјал од депонијата.
– Во текот на подготовките за ископ, за поставување на темелите за шаторот, се установи дека треба да се преиспитаат димензиите на ровот за темелите, димензиите на темелите, како и вкупниот габарит на металната конструкција за шаторот поради неговите димензии (~3000м2) и тежината на металната конструкција и природата/цврстината на почвата на самата локација.
– Од тие причини, требаше да се спроведат дополнителни консултации со надлежното министерство за транспорт и врски, група експерти од Градежниот факултет и консултанти за статика и сеизмика.
– По овој период на консултации кој иницијално не беше предвиден и траеше повеќе од две недели, од надлежните и од експертите е добиено позитивно мислење за димензиите на ископаниот ров за темели, како и за видот на конструкцијата и начинот на неговото поставување.
– Во истиот тој период со цел да се искористи времето, беше организирана иницијална обука за принципите и процедурите на надзор, од страна на супервизорската компанија TAUW заедно со нивните локални партнери. Во истата мисија, се пристапи кон работа на пробен ископ и земање на мостри на неколку позиции од предвидениот ров за темелите.
– При овој пробен ископ, поради сомневање дека постои контаминиран материјал на потегот каде треба се постават темелите, се утврди присуство на бела прашкаста супстанца за која иако се наоѓа далеку од депонијата, постоеше сомнеж дека се работи за HCH, беа земени мостри. Од тие причини земените мостри беа испратени во Институтот за хемија на Природно математичкиот Факултет со цел да се утврди хемискиот состав на истите. Ова беше уште една причина за пролонгирање на активностите. Истите примероци беа дополнително испратени на анализа во чешката лабораторија ALS заради потврда на точноста на резултатите. После двојната проверка и официјална верификација на резултатите беше утврден протокол на сепарирање на почвата на различни категории според тоа дали има присуство на белиот прашок и присуство на контаминација во некои од точките на земање на мострите.
– Ископот на темелите е сега веќе започнат, после завршувањето на дополнителните проверки кои беа потребни пред почетокот.
– Согласно овој протокол и сите безбедносни правила се врши складирање и препакување на ископаната почва.
– Поставувањето на шаторот ќе се случи откако ќе се завршат работите за ископ на темелите и поставувањето на металната конструкција.
– Активности кои се планирани за период до 11ти декември 2021:
Ќе се постават анкери во јужниот ров од δ-депонијата и истиот ќе се бетонира;
Ќе се постават анкери на едниот од страничните ровови од δ-депонијата (источниот или западниот) и истиот ќе се бетонира;
Ќе се ископа северниот ров со истовремено зајакнување на ѕидот на големата депонија со поставување на метална арматура и бетонирање.
– Изведувачот Полиеко е обврзан да доставува до Министерството за животна средина редовни дневни и неделни извештаи за сработеното, поткрепени со фото документација. (во прилог е дел од приложената фото документација со технички опис).
– Полиеко е во постојана комуникација со проектниот тим на канцеларијата за POPs, работната група при МЖСПП, локалните партнери одговорни за супервизија/надзор на теренските работи. Исто така, со работите на терен се запознаени и надлежните инспекторати како што е Државен инспекторат за животна средина, Државен Инспекторат за градежништво, како и Државниот Инспекторат за труд.
И покрај пролонгирањето на подготвителните работи, Полиеко е уверен дека по воспоставувањето на шаторот работите за ископ на депонијата ќе се одвиваат многу побрзо, а според тоа очекува дека не би требало да има дополнителни доцнења. Бидејќи се работи за екстремно специфичен и контаминиран материјал, претпазливоста и безбедноста мора да биде на највисоко можно ниво, па од тие причини сите подготвителни работи се изведуваат со исклучително внимание, можеби на штета на времето, но секако во корист на безбедноста.
Преглед на неделните извештаи за активностите на малата депонија во ОХИС (до 25.11.2-21г.)
Извор: Министерство за животна средина и просторно планирање