Од утре ќе почнеме да го разгледуваме Буџетот и до наредниот четврток, се надевам дека тој ќе биде изгласан, истакна координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески во гостувањето во „Утрински брифинг“.
Тој нагласи дека специфика на овој буџет е што има најмалку амандмани поднесени од опозицијата, која претходно поднесувала и 900 до илјада амандмани.
Специфика се и средствата од 350 милиони денари, историски највисоко ниво, како износ на прифатени амандмани, најголем барем во последните 15 години, рече Митрески.
Тој нагласи дека тоа е доказ на демократскиот капацитет на оваа власт.
Кога ние сме биле опозиција ни се прифаќале амандмани во незначителен износ до три милиони денари, истакна Митрески.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески, осврнувајќи се на работата на Собранието, истакна дека не очекува нова блокада за законските решенија во интерес на граѓаните, од страна на пратениците од опозицијата, судејќи по договорот од неформалните состаноци на координаторите на пратеничките групи.
Доколку Законот за работни односи не беше блокиран недела веќе ќе беше неработен ден, истакна Митрески, појаснувајќи дека ова законско решение е влезено во комисиска расправа уште во септември, но не успеа да помине поради блокадата од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој нагласи дека важен закон за подобрување на статусот на работниците е и Законот за минимална плата кој е на предлог на СДСМ.
Јас очекувам тој да не биде блокиран и минималната плата да се зголеми на 18 илјади денари, порача Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески, во гостувањето во „Утрински брифинг“.
Извор: СДСМ