Застрашувачки е молкот на институциите за скандалот со 1 тон дрога кој бил внесен во државата преку скопскиот аеродром пред еден месец.
Молкот на МВР, Царина и Обвинителство доволно говори дека институциите се обидуваат овој скандал да го заташкаат и прикријат, а причината за тоа е дека има сериозен сомнеж за поврзаност на власта со него.
Институциите не демантираа ниту дека дрогата била натоварена и спроведувана со возила на царината со ротациски светла.
Институциите не демантираа дека во царина имало вонредни состаноци како да се заташка ваквиот скандал , ниту пак беше демантирано дека биле вршени притисоци врз вработените да молчат.
Молкот говори дека ова е голема афера. Ова само покажува дека во Македонија нема правна држава, нема борба со организираниот криминал на власта, нема слободни правосудни органи и нема владеење на правото.
Во Македонија има спрега на мафијата и на институциите. Затоа Македонија е на 111-то место во борбата против корупцијата во светот и сме последни во Европа.
Да потсетиме, во Македонија за само неколку месеци се случи скандал со доделување на официјални македонски пасоши на странски нарко мафијаши, се случи пробиената акција “Планина“ и се случи скандал со пратка на марихуана во близина на Прилеп во која беа фатени близок човек на семејството Заеви и началник на прилепската полиција.
Ова само говори дека Македонија е претворена во земја во која нарко картелите се директно поврзани со моќници на власта и имаат слобода да прават што сакаат.
Одговорност порано или подоцна ќе има.