Во соработка со Министерството за локална самоуправа, денеска, градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, потпиша Договор за финансиска поддршка за имплементација на Стратегијата за Ромите. Во таа насока, Министерството ќе и додели на локалната самоуправа од Карпош 126.760 денари во форма на грант (неповратни средства), како дел од средствата од Буџетот на РСМ, планирани за таа намена.
Претходно, општина Карпош изработи Локален акционен план (ЛАП), во рамки на Програмата за активностите на локалната самоуправа, во областа на еднаквите можности меѓу жените и мажите за 2021 година. По тој повод, се одржаа повеќе работни средби со невладината „ХЕРА“ и Социјалното претпријатие „Нега Плус“, на кои беа презентирани анализи и теренски анкети од сферата на работната ангажираност на Ромките кои живеат на територија на Карпош.
Добиените финансиски средства, општина Карпош ќе ги насочи кон организација на низа активности, со кои ќе се едуцира дел од ромската популација со цел, како да настапат а воедно да бидат и поконкурентни на пазарот на работна сила, соодветно на своето образование. За наменското користење на средствата, Општината се обврзува да достави извештај до Министерството за локална самоуправа, најдоцна до 30. ноември 2022 година.
Извор: Општина Карпош