Кошаркарките на Бадел 1862 со втората, едноподруго победа над српската спортска институција, белградски Партизан, испишаа нова кошаркарска историја на Македонија. Резултатот од 58:46 само ја дефинираше неверојатната верба на кошаркарките од Кисела Вода во своите можности и желбата за пласман, докажување и надигрување со најдобрите европски екипи во WABA лигата.
Скромни, работливи на тренинзите, дисциплинирани на натпреварите, големото другарство во спортскиот колектив, се само дел од епитетите што го краси кошаркарскиот клуб од Кисела Вода, Бадел 1862. Едноставно со години наназад, кошаркарките од Кисела Вода се неприкосновени во домашното првенство, притоа, освојувајќи 13 шампионски и 13 куп титули, како и први освојувачи на Супер купот на Македонија.
-Трудот секогаш се вреднува,изјави тим менаџерот и творецот на “баделки“ Љупчо Пaвловски, веднаш по натпреварот, и продолжи, oваа победа против Партизан ни беше потребна за да се пласираме на 4-тата позиција во Б групата во WABA лигата, а со тоа и да ги продолжиме натпреварите во ова елитно женско кошаркарско натпреварување. Кошаркарките го дадоа својот максимум, и во целост го контролиравме натпреварот. За овој успех на Бадел 1862 заслужна е и Oпштината Кисела Вода, со која низа години наназад успешно соработуваме. Се надевам, дека, и во иднина ќе соработуваме со Општината,чии основни училишта се наша кошаркарска база и перспектива, заврши Павловски.
Сакам да им честитам на младите талентирани кошаркарки и да им посакам и понатаму да не’ радуваат со вакви големи успеси. Свесен сум дека вложувањето во спортот е предуслов за добри резултати, но и за градење на успешни спортисти и здрави личности. Оттука, тоа е високо поставено во мојата агенда за работа. Мојата порака до “Баделки” и до другите спортисти од Кисела Вода е дека од нив ќе очекуваме добри резултати, а тие можат целосно да сметаат на поддршка од Општината-истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Извор: Општина Кисела Вода