spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeВладаДополнителни 670 милиони денари за надминување на енергетската криза; Утврдени измените на...

Дополнителни 670 милиони денари за надминување на енергетската криза; Утврдени измените на Законот за авторското право и сродните права

Владата на Република Северна Македонија на денешната 132-ра седница, согласно Законот за извршување на Буџетот за 2022 година, донесе Програма за зелен развој со која се утврдени дополнителни 670.000.000,00 денари за реализација на проекти од областа на енергетиката, односно за производство и обезбедување на дополнителни количини на електрична енергија од обновливи извори на енергија за надминување на состојбата енергетската криза.

На оваа седница Владата го утврди текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права.

Целта на предложениот закон е пропишување на нормативна основа за воспоставување на ефикасен модел за функционирање на системот на колективното управување со авторското право и сродните права усогласен со Директивата 2014/26/EC на Европската Унија за колективно управување со авторското право и сродните права и мулти-територијално лиценцирање на музички дела за користење преку интернет, во делот на колективното управување.

Со измените и дополнувањата, меѓу другото, уште се врши усогласување со Директивата 2011/77 на ЕУ и со Директивата 2006/116/ЕУ за времетраењето на заштитата на авторското право и сродните права, во однос на заштитата на коавторите на музички дела со текст, како и на времетраењето на заштитата на изведувачите и фонограмските продуценти на снимени музички изведби, односно фонограми од 50 на 70 години.

Владата денеска ја донесе Програмата за задолжителна имунизација на населението во Северна Македонија за 2022 година која се носи секоја година и која ја опфаќа вакцинацијата на лица на одредена возраст, која се спроведува континуирано, во текот на целата година против: акутен вирусен хепатит Б (Hepatitis B), туберкулоза (Tuberculosis), заболувања предизвикани од хемофилус инфлуенца тип Б (Hib), дифтерија (Diphtheria), тетанус (Tetanus), голема кашлица (Pertussis), детска парализа (Poliomyelitis acuta), мали сипаници (Morbilli), заразни заушки (Parotitis epidemica), црвенка (Rubeоla), инфекции предизвикани од хуман папилома вируси (HPV), инфекции предизвикани од ротавируси и инфекции предизвикани од Streptococcus pneumoniae за сите лица на одредена возраст согласно Календарот за имунизација.

Во Програмата е приложен Календарот за имунизација на деца од 0 до 18 години и Календарот за catch-up имунизација за нередовно вакцинираните деца од 5 до 18 година, како и планот за обезбедување годишни потреби на вакцини за задолжителна имунизација и вакцини по епидемиолошки индикации.

На денешната седница Владата го прифати предлогот на Комисијата за именување проф. д-р Владо Бучковски да биде разрешен од должноста специјален претставник на Владата на Република Северна Македонија за Република Бугарија.

Владата му благодари на Бучковски за сите ангажмани и напори со кои придонесе кон одржувањето на добрососедските и пријателските односи меѓу Северна Македонија и Бугарија во време на предизвици кои подразбираа потреба од трпелив и посветен однос кон барањето решенија.

Се очекува, двете влади, на Северна Македонија и Бугарија согласно заеднички утврдена методологија да ги утврдат начините, ресурсите и чекорите кон конечно решавање на отворените прашања, потпирајќи се на условите и успесите постигнати од сите чинители во досегашните процеси.

Како дел од прифатените кадровски предлози на владината Комисија за именување, денеска е прифатена одлуката на Управниот одбор на Фондот за иновации и технолошки развој да му биде предложено за в.д. директор на Фондот да го именува Фестим Халили.

Владата денеска донесе заклучок со кој ги задолжи сите органи и институции во нејзина надлежност во рамките на своето редовно  работење да ги признаваат електронските уверенија од казнената евиденција, односно уверенијата за неосуденост, со подеднаква важност како и оние кои се издаваат во печатена форма.

Ова задолжение на Владата доаѓа по известувањето на Советот за информатичко-комуникациска технологија во правосудните органи кои утврдиле дека некои вработени во јавните институции се уште барале овие уверенија да бидат во печатена форма.

На оваа седница Владата го задолжи министерот за локална самоуправа Горан Милевски, заедно со претседателот на Комисијата за проценка и утврдување на висината на штетата од елементарни непогоди да оствари средба со претставници на Општина Битола за да се договори постапката за санирање на последиците од земјотресот од 9 јануари.

Прочитајте