spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМЕ: Владата со решение покрива 80% од разликата во сметките за парно,...

МЕ: Владата со решение покрива 80% од разликата во сметките за парно, Градот Скопје и општините да покријат барем 20% за сметките на домаќинствата да останат исти

Министерот за економија Крешник Бектеши и претседателот на Регулаторна комисија за енергетика Марко Бислимоски, денеска на прес-конференција во Владата информираа дека, по координација со сите надлежните институции од енергетскиот сектор и консултации со Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) се предлага на компаниите кои имаат лиценца за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија разликата од актуелната до реалната цена на топлинската енергија да ја покрие Владата во најголем дел.

„Иако Градот Скопје и општините во склоп на градот, кои се надлежни за создавање на услови за вршење на енергетски дејности за континуирано снабдување со топлинска енергија, поради не преземање на мерки за справување со настаната состојба со цел обезбедување на континуитет и сигурност во снабдувањето со топлинска енергија, предлагаме разликата од актуелната до реалната цена на топлинската енергија да ја покрие Владата од буџетот во висина од 80%, а останатите 20%, со цел да се затвори цела финансиска конструкција и да се обезбеди сигурност и стабилност во снабдувањето со топлинска енергија за корисниците на топловодната мрежа, да ја покрие Градот Скопје и општините во градот“, кажа министерот Бектеши.

Министерот Бектеши информираше дека разликата од актуелната до реалната цена на топлинската енергија, Владата во име на потрошувачите кои се корисници на топлинска енергија, односно домаќинствата и јавните институции средствата ќе ги уплати на БЕГ, а БЕГ ќе ги намали сметките на потрошувачите.

„Односно потрошувачите нема да добијат повисоки сметки за топлинска енергија“, кажа министерот, и го повика Градот Скопје и општините во склоп на Градот Скопје во рамки на своите Буџети да се вклучат во поддршка на домаќинствата и институциите, корисници на топлинска енергија со цел да се ублажи притисокот од ликвидноста што ја имаат компаниите кои што снабдуваат со топлинска енергија во Скопје.

Претседателот на РКЕ, Бислимоски истакна дека со овој предлог се решава проблемот со набавка на гас.

„По повиците на РКЕ, а во координација со Владата, најдено е решение за сигурна и стабилна испорака на топлинска енергија. Во неколку наврати кажав дека сите страни мора да се солидаризираат и секој да помогне во рамките на својата надлежност. Граѓаните не можат и нема да го понесат товарот од енергетската криза“, кажа Бислимоски.

Според него, доколку се прифати предлогот ќе биде донесена нова одлука за цената на топлинска енергија.

„Разликата од актуелната до реалната цена ќе биде покриена од страна на Владата во име на граѓаните со цел да се заштитат потрошувачите и да се амортизира ценовниот шок. На овој начин ќе се помогне директно на компаниите да набават гас, односно на ТЕ-ТО во име на БЕГ“, кажа Бислимоски.

Според претседателот на РКЕ, граѓаните ќе добијат исти сметки, а разликата од актуелната до реалната цена БЕГ директно ќе ја анулира на крајната сметка што ќе ја добијат потрошувачите.

„Сите треба да покажат солидарност во овие услови на незапаметена енергетска криза со цел да се намалат ефектите од неа врз граѓаните. Уште еднаш сакам да кажам дека обезбеден е природен гас, проблем се финансиите за набавка на гас. Доколку предлогот биде прифатен од компаниите, Градот Скопје и општините, проблемот ќе биде решен“, кажа Бислимоски.

На прес-конференцијата министерот Бектеши истакна дека овој предлог, доколку биде прифатен ќе се однесува за цела година, со тоа што Владата ќе го покрие најголемиот дел или околу пет милиони евра, Град Скопје и сите општини во склоп на градот ќе имаат вкупен трошок од околу еден милион евра.

 

 

 

 

 

Извор: Влада

Прочитајте